СТАРОВРЕМСКИ ФОТОГРАФИИ

(Кон „Преекспонирано“, дебито на Елеонора Венинова, играат Камка Тоциновски, Благој Веселинов, Сара Климоска)

    СТАРОВРЕМСКИ ФОТОГРАФИИ

    Еден брак во криза, еден тинејџерски копнеж за блискост и еден генерациски јаз се темите на „Преекспонирано“, деби филмот на Елеонора Венинова по нејзино сценарио, камерна драма која истражува како комуницираме кога говориме и кога молчиме.
    Како ретко кој македонски автор, Венинова љубопитно се бави со интимните врски меѓу луѓето без оглед на социјален или географски контекст. Тоа искрено и непретенциозно нурнување во комплексниот свет на меѓучовечката комуникација е најголемата вредност на филмот.

    „Преекспонирано“ (насловот е според Ефектот Сабатиер познат и како соларизацијa или преекспонираност, феномен во фотографијата во коj сликата снимена на негатив или на фотографски отпечаток е целосно или делумно обратна во тон – темните делови изгледаат светли односно светлите делови изгледаат темни) е приказна за фотографката Ана (Камка Тоциновски) и психологот Филип (Благој Веселинов), брачен пар чија врска се гуши од неизречените очекувања од себеси и од другиот. На гости во викендицата крај езеро ќе им дојде Маја (Сара Климоска), ќерка на нивни пријатели кои живеат во странство, бунтовна и безгрижна тинејџерка од безмалку 18 години, која ќе ги предизвикува нивните бариери и ќе флертува со обајцата, а всушност и самата е збунета од своите копнежи и потребата да биде разбрана, не контролирана. Токму таа енергија на Маја е всушност дренот низ кој ќе истече чемерот на брачниот живот на Ана и Филип и ќе го соголи до болниот факт дека во него нема љубов.

    „Е, во нашата генерација прво имаш секс, па ако ти се свиѓа сексот му правиш муабет“, му вели Маја на Филип во еден муабет за генерациските разлики. Но Сара Климоска оваа реплика ја кажува ем со пркос ем со тага – таа Маја ја игра со извонреден осет за тинејџерските промени во расположението и со трогателно сочувство за збунетоста на девојката која ја освестува својата сексуалност, но и гладот за емотивно длабок контакт со другиот. Како одлична глумица, Климоска го освојува ликот и му создава многу поголем простор отколку што му го напишала авторката, па Маја станува главен протагонист кој е средиште на драмското дејство.

    Камка Тоциновски, исто како одлична глумица, гради извонредна динамика со Климоска – нејзината Ана е главна, но воздржана, немирот ѝ тлее и со мајсторски прецизно дозирање полека се разгорува, за да букне со таков трагизам, да му дава емотивен печат на целиот филм.

    Вклештен меѓу разиграноста на двете партнерки, Благој Веселинов не се снаоѓа баш најдобро и не успева да го продлабочи ликот на Филип и да го направи покомплексен туку само еднозначно загребува по површината, па е некако досаден и блед.

    Венинова има одлична тема за дебито, но впечаток е дека прави и почетничка грешка – нема доволно приказна и марифет за долга форма. Затоа и филмот е во голема мера рамен, со згрчено дејство без значајни драмски пресврти и некако издишан крај. Се чини дека поради тоа и музиката на британската композиторка Линдзи Рајт не легнува најдобро – таа не ја рефлектира емоцијата туку ја изнасилува, како да треба да го пополни емотивно празниот простор.

    Марина КОСТОВА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира