Во помодреното лице на археологот Манолис Псарос, кој беше претепан од неидентификувани напаѓачи во Атина пред неколку недели, грчката јавност ги виде бандите, насилниците, рекетарите и валканите пари на Миконос.
Псарос беше претепан пред неговиот дом во Атина, а неговите колеги се сомневаат дека нападот е нарачка од инвеститори во градежништвото, за кои тој утврдил дека сакаат да градат близу археолошки наоѓалишта на туристичкиот остров. Властите сè уште не ги идентификувале напаѓачите.
Нападот на археологот беше повод во грчката јавност да почне отворено да се зборува за недостатоците кои што овозможуваат секаков вид нелегални активности.
Такви недостатоци се: отсуство на систематски контроли, неказнивоста или мали казни кои што не се проблем за бизнисите кои што заработуваат милиони, недостиг на персонал во институциите за урбанизам и во полицијата, неспроведување на законите, но и на мерки како инсталација на камери за надзор и надгледување со дронови. Дури и кога ќе дојде до судење, тоа трае со години и најчесто нема разрешница.
Од 2017 до 2022 година, Псарос открил пет случаи на прекршување на законот за заштита на археолошкото наследство од страна на најголемите барови на плажа на Миконос. Неговите извештаи се споделени со обвинителството и локалните власти, но никаква постапка не е отворена за прекршителите.
„Тоа е изгубен случај. Да внимаваме на другите острови“, велат Грци кои често го посетуваат Миконос и забележуваат како се сменил островот.
Затоа, Миконос служи за пример како не треба за останатите острови. Само државата може да стави крај на беззаконието со затворање на дупките во законите и наметнување на строги казни. Тоа би било доволно за почеток.