Полицијата го уапси таткото на седмоодделенецот Коста К., кој утрово со пиштол уби осум деца и еден чувар во основното училиште „Владислав Рибникар“ во Белград и му одреди 48-часовен притвор. Вишо јавно обвинителство во Белград притоа соопшти дека Коста К. не може да се смета за кривично одговорен зашто сè уште нема наполнето 14 години. Ова произлегува од Законот за малолетни извршители на кривични дела и кривично правната заштита на малолетни лица.
Началникот на белградската полиција Веселин Милиќ кажа дека Коста К. е роден кон крајот на јули 2009.
Неговиот 48-годишен татко е притворен под сомнение дека го извршил кривичното дело „тешки дела против општата безбедност“.
Коста К. самиот се јавил во полиција откако го извршил масакрот, кој, како што кажа полицијата, го планирал еден месец и притоа имал список на мети. И натаму се утврдува мотивот и како дошол до оружјето, кое било сопственост на татко му. Покрај пиштолите и муницијата, во ранецот имал и четири молотови коктели.
„Момчето, кое било ученик во истото училиште, успеало да дојде до два пиштола и три полни шаржери со по 15 куршуми. Родителот тврди дека имал повеќе парчиња оружје и дека биле чувани во сеф. Очигледно, детето ја знаело шифрата“, изјави министерот за внатрешни работи Братислав Гашиќ.
Според неофицијални информации, момчето одело во лов со татко му и така научило да пука.
Во нападот се ранети уште шест ученици и наставничката по историја, на чиј час биле убиени пет од осумте деца.