Локалната самоуправа од Охрид нема намера да се откаже од изградбата на голем хотелски капацитет на само десетина метри од езерскиот брег, во населбата Лагадин.
Токму овој објект е една од причините што може да ја прелее чашата и УНЕСКО, дефинитивно, да ги избрише градот и езерото од светската листа на природни вредности и реткости, јавува агенцијата Мета.
Досега жестоко реагираа еколозите, особено невладината „Охрид СОС“, која поведе и интернет-петиција. Досега ја потпишале околу 500 незадоволни граѓани, пред сè, жители на населбата.
„Ние знаеме дека петицијата нема правно дејство. Меѓутоа, имаме силна поддршка од жителите на населбата Лагадин, кои потврдија дека ќе поднесат поединечни тужби. Работата ќе ја тераме до крај, нè поддржува и пошироката јавност, нема да запреме пред опструкциите на властите“, велат од „Охрид СОС“.
Од локалната власт велат дека хотелот се гради во согласност со закон.
Покрај близината на езерскиот брег, спорни се и димензиите на објектот, особено височината. Еколозите предупредуваат дека дозволена висина за градба на тој простор е 10,5 метри, а хотелот ќе биде висок шест ката, па уште неизграден го доби епитетот „Кинески ѕид“.
„Хотелот се наоѓа на растојание помало од 50 метри од водата на езерото, што е недозволен појас за тврди градби, појас заштитен со закон. За изградба на хотелот е донесено незаконско одобрение без согласност на Министерството за животна средина и на Министерството за транспорт и врски. Почнатата градба не исполнува и други услови во однос на писмена согласност од првите соседи чиј имот се узурпира. За изградба на хотелот не е реализирана консултација со јавноста, ниту има направено стратешка оцена за влијание врз животна средина“, стои во прогласот за петицијата на жителите на Лагадин.