Американската амбасадорка Анџела Агелер вели дека е разочарувачки што македонската опозиција го критикува договорот со „Бехтел и Енка“ за изградба на автопатите од коридорите 8 и 10Д без да ги имаат сите факти, само за да бидат против Владата, во интервју за државната новинска агенција МИА.
Во интервјуто, таа вели дека македонските граѓани ќе бидат многу среќни кога ќе бидат комплетирани коридорите. За процесот во кој е инволвирана американската компанија „Бехтел и Енка“, Агелер вели дека е целосно транспарентен и законски, бидејќи, како што вели таа, тоа е начинот на кој функционира оваа компанија, во спротивно не би имала проекти насекаде во светот и неколку во регионот на Западен Балкан.
„Сметам дека мошне е разочарувачки тоа што тие во опозицијата критикуваат без сите факти или критикуваат нешто за што немаат информација. Тоа го прават едноставно само за да бидат против Владата, да тоа е работа на опозицијата, но истовремено сум целосно уверена дека процесот во кој е инволвиран „Бехтел“ е целосно транспарентен и законски, бидејќи тие работат на тој начин, инаку не би имале проекти насекаде во светот и одреден број тука во регионот на Западен Балкан, ако не беа доверлива компанија и граѓаните на оваа земја ќе бидат мошне среќни да ги имаат коридорите 8 и 10 д, кога ќе бидат комплетирани. Разговорите мислам сè уште траат, но сметам дека е жално што има такви, кои ќе застанат на патот едноставно за да заработат политички поени“, кажа Агелер во интервјуто за МИА.
Законите поврзани со изградба на овие автопати се уште во собраниска процедура. Целиот проект треба да чини 1,3 милијарди евра.