Напад со дронови на Москва предизвика минимална штета на неколку згради, изјави градоначалникот Сергеј Собјанин, додавајќи дека нема сериозно повредени.
„Итните служби се на местото на инцидентите“, кажа Собјанин.
Официјални лица изјавија дека противвоздушната одбрана соборила неколку дронови додека се доближувале до Москва. Засега е нејасно од кој правец доаѓале.
„Ова утро, киевскиот режим лансираше терористички напад со дронови на цели во Москва. Три од нив беа потиснати од уреди за електронско војување, изгубија контрола и отстапија од зацртаните цели. Уште пет беа соборени од противвоздушната одбрана во регионот на Москва“, соопшти руското министерство за одбрана.
Киев засега не го коментираше овој напад, но шефот на украинското воено разузнавање Кирило Буданов вчера ѝ се закани на Русија со брз одговор за последните ракетни напади на Киев, кои продолжија и утрово.
Снимките на социјалните мрежи покажуваат облак од чад над Москва, како и скршени прозорци. Собјанин изјави дека некои жители биле евакуирани.
Шефот на рускиот огранок на Би-Би-Си, Стив Розенберг, изјави дека слушнал две експлозии во далечина пред седум часот по локално време.