„ГЛАСЕН ТЕКСТИЛЕЦ“ УСПЕА ДА НАПЛАТИ ОД СТРАНСКИ БРЕНДОВИ 42.000 ЕВРА ПОБАРУВАЊА ЗА К-15 И ИСПРАТНИНИ ЗА 32 РАБОТНИЧКИ ВО ШТИПСКА КОНФЕКЦИЈА

    „ГЛАСЕН ТЕКСТИЛЕЦ“ УСПЕА ДА НАПЛАТИ ОД СТРАНСКИ БРЕНДОВИ 42.000 ЕВРА ПОБАРУВАЊА ЗА К-15 И ИСПРАТНИНИ ЗА 32 РАБОТНИЧКИ ВО ШТИПСКА КОНФЕКЦИЈАПретседателката Кристина Ампева ја образложи првата правна победа во остварувањето на работничките права (Фото: СДК.МК)

    По две години судски постапки против една штипска конфекција и преговори со странски брендови за кои шиела македонската фирма, Здружението за заштита на работничките права „Гласен текстилец“ од Штип успеа од странските брендови да наплати паричен надомест од 42.000 евра како побарување од 32 работнички. Со признание на едната страна во постапката, Основниот суд во Штип утврдил дека штипската компанија не ги исплатила работниците кои пријавиле побарување. Потоа, побарувањата „Гласен текстилец“ ги пренасочило директно кон четирите странски брендови кои шиеле во штипската фирма, од кои два се согласиле работниците да бидат обештетени, а од други два уште се чека одговор дали и тие ќе учествуваат во работничкото надоместување.

    Паричниот надомест, како што вели раководителката на здружението Кристина Ампева, се однесува на регрес за годишен одмор (К-15 ), три плати, испратнини поради отказ од деловни причини, како и штета на бремена работничка која изгубила право на платено породилно отсуство.

    „Успеавме од странските брендови да ги добиеме овие побарувања, откако немаше исплата на побарувањата на работниците од страна на македонскиот ‘газда’ во чија домашна фирма овие странски брендови ги шиеја своите парчиња облека. Имаше и такви работници кои не се осмелија да поднесат побарување и ја продолжија работата во истата конфекција. Најголем надомест од над 2.000 евра доби брремената жена која не оствари право за платено породилно отсуство“, вели Ампева, која како мајка на три деца знаела како се чуствува бремената жена без платено породилно остуство.

    Таа целиот тек на судската постапка, а подоцна и позитивните преговори со странските брендови ги смета како голема правна и економска победа, дури објави и јавно соопштение во кое се наведува дека ваков работнички триумф и остварување на работничките права првпат се случува не само во Македонија, туку и на Балканот каде претежно се наоѓаат фирмите кои шијат за странските модни брендови.

    Овој факт, според Ампева, укажува дека европските брендови се општествено одговорни за разлика од компаниите кои работат во нивниот синџир на производство, а ваквите случаи можат да предизвикаат прекин на соработката со неодговорните работодавачи од државите производители, меѓу кои е и Македонија, што значи дека македонските работодавачи не се недопирливи .

    Ампева вели дека нивната асоцијација ќе продолжи со ваквите пракси на интернационално застапување во корист на работниците кај странските брендови, со цел почитување на работничките права на македонските текстилни рабиотници.

    Т. ЈОВАНОВСКИ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира