ЛОЈА, СОС ДЕТСКО СЕЛО, ПОЛИО ПЛУС, ДОДЕВА, ЗДРАВКИН, ТОДОРОВСКА И ДОНЕВ ДОБИЈА ПОВЕЛБА ОД ПЕНДАРОВСКИ ЗА ЧОВЕКОВИ ПРАВА

    ЛОЈА, СОС ДЕТСКО СЕЛО, ПОЛИО ПЛУС, ДОДЕВА, ЗДРАВКИН, ТОДОРОВСКА И ДОНЕВ ДОБИЈА ПОВЕЛБА ОД ПЕНДАРОВСКИ ЗА ЧОВЕКОВИ ПРАВА„Ги замолувам добитниците да останат и понатаму посветени на благородната кауза и им порачувам на сите останати, на сите нас – да се угледаме на нив, за наше добро“, рече Пендаровски. - Со добитниците на „Повелба на Република Северна Македонија“. (Фото: Кабинет на претседателот на РСМ)

    Три организиции и четири личности: Центарот за балканска соработка „ЛОЈА“, „СОС Детско село“, Движењето против хендикеп „Полио плус“, Биба Додева, Ленче Здравкин, Савка Тодоровска и Ристо Донев денеска го добија признанието „Повелба на Република Северна Македонија“ од претседателот Стево Пендаровски.

    Претседателот кажа дека тие го добиваат признанието оти со нивната работа и посветеност дадоа огромен придонес за социјализација и остварување на човековите права и слободи на лицата со попречености, за помош и поддршка на обесправените и угнетените, за грижа и воспитување на децата, за подигање на свеста за ракот, за унапредување на родовата еднаквост, за подобрување на меѓуетничките односи, како и за афирмација на нашата земја на меѓународно ниво.

    „’СОС Детско село’ е пример за грижа за децата во ризик и нивна поддршка, преку семеен модел за алтернативна грижа, како и преку реализирање на програми за социјална превенција. Центарот ‘ЛОЈА’ интензивно го промовира мултикултурализмот и меѓународната соработка, етаблирајќи се во една од најактивните македонски невладини организации. Движењето ‘Полио плус’ отвори нови перспективи во поддршката на лицата со посебни потреби, работејќи на нивната социјализација, на добивањето на самодоверба и пронаоѓање на соодветно место и улога во општеството. Борбата со ракот на дојката е главниот приоритет на ‘Борка’ чија претседателка Биба Додева со својот неуморен ангажман, упорност, посветеност и желба за подобрување на животот на заболените од рак од дојка го задолжи нашето општество“, кажа Пендаровски.

    За Ленче Здравкин, претседателот кажа дека со својата несебична хуманитарна дејност покажа дека нема граници кога е во прашање човекољубието и помагањето на сите оние кои се далеку од своите најблиски и на кои им е потребна грижа и поддршка.

    „Кога се зборува за рамноправноста на жената и нејзината улога во општествените процеси или за организациите кои се занимаваат со оваа проблематика, не е возможно да го одминете името на Савка Тодоровска која со својата долгогодишна импозантна работа постави највисоки стандарди на активист и лидер за женски права. Ристо Донев ни покажа дека ако се има желба, волја и истрајност не постојат физички бариери кои можат да ве спречат да постигнувате големи успеси во животот. Тој е редок пример на непоколебливост, мотивираност и навистина претставува инспирација за сите наши граѓани“, рече Пендаровски.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира