СЕ РАЗГЛЕДУВААТ И ДРУГИ ИМИЊА ЗА ОЗНАЧУВАЊЕ, КАЖА АМЕРИКАНСКАТА АМБАСАДОРКА АГЕЛЕР ПО СТАВАЊЕТО НА МЕРКО НА ЦРНАТА ЛИСТА НА СТЕЈТ ДЕПАРТМЕНТОТ

    СЕ РАЗГЛЕДУВААТ И ДРУГИ ИМИЊА ЗА ОЗНАЧУВАЊЕ, КАЖА АМЕРИКАНСКАТА АМБАСАДОРКА АГЕЛЕР ПО СТАВАЊЕТО НА МЕРКО НА ЦРНАТА ЛИСТА НА СТЕЈТ ДЕПАРТМЕНТОТМинистерката за одбрана Славјанка Петровска и американската амбасадорка Анџела Агелер на презентацијата на новите лесни оклопни возила „Џеј-Ел-Ти-Ви“, кои се составен дел од опремата на македонската армија во Штип. (Фото: Министерство за одбрана)

    Американската амбасадорка Анџела Агелер вели дека во моментов се разгледуваат и други имиња за ставање на црната листа на САД, но, како што кажа таа, тоа е долг и внимателен процес и не е познато кога ќе има ново соопштение од Стејт Департментот.

    Вчера, Стејт Департментот го означи градоначалникот на Струга Рамиз Мерко како непожелен за влез во САД поради вмешаност во значајна корупција.

    „За овие означувања е потребно време, се прават по многу внимателен правен процес и проверки, не се прават брзо и лесно и во секој момент има извесен број имиња кои се разгледуваат, додека правниот тим во Стејт Департмент и други тимови ги разгледуваат и проценуваат доказите. Не можам да зборувам за тајмингот на следните означувања во иднина, убедена сум дека ќе ги има, но кога ќе бидат не можам да кажам“, кажа Агелер, одговарајќи на новинарско прашање на презентацијата на новите лесни оклопни возила „Џеј-Ел-Ти-Ви“, кои се составен дел од опремата на македонската армија во Штип.

    Сепак, Агелер вели дека не е нејзино да им сугерира на македонските власти што да преземат во врска со означувањата на Стејт Департментот.

    „Што ќе се случува отсега понатаму во земјата не можам да зборувам. Јас сум американски амбасадор, не е мое да им сугерирам следни чекори на владата или на правосудните органи, но се надевам дека ќе продолжиме да работиме заедно во борба против корупцијата“, додаде американската амбасадорка, која во штипската касарна беше заедно со министерката за одбран Славјанка Петровска.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира