Деби Рејнолдс, легендарната актерка и пејачка номинирана за Оскар, која беше мајка на покојната актерка Кери Фишер, почина на 84 години, само еден ден по ќерка си. Рејнолдс ќе остане запаметена по своите улоги во класиците, меѓу кој и „Пеејќи на дождот“.
„Сакаше да биде со Кери“, изјави синот Тод Фишер за „Варајети“.
Рејнолдс била однесена во болницата во Лос Анџелес откако почнала да се жали на проблеми со дишењето ден по смртта на ќерка си, по што најверојатно доживеала удар. Нејзината смрт ќе остави празнина по уште една огромна холивудска легенда, која беше огромна ѕвезда во 1950-тите и 60-тите години од минатиот век.
Мери Френсис Деби Рејнолдс се прослави по улогите во филмските комедии и беше во брак со пејачот Еди Фишер од кој ја имаа ќерката Кери Фишер, која стана славна како принцезата Леја во „Војна на ѕвездите“. Врската со ќерка ѝ беше многу блиска но често и многу бурна. Покрај снимениот поп-албум, многубројните номинации и награди, Рејнолдс лани доби и почесен Оскар за животно дело.
Нејзиниот живот беше обележан и со многу скандали, откако првиот сопруг Еди Фишер ја остави за нејзината добра пријателка Елизабет Тејлор во 1958. Рејнолдс разводот го поднесе добро, но пак стана мета на таблоидите кога се разведе од вториот сопруг, сопственикот на фабрика за чевли Хари Карл, и изјави дека тој ѝ ги прокоцкал сите пари.
Романот на Кери Фишер „Разгледници од работ“ од 1987, и филмската адаптација три години подоцна, се смета за биографски опис на турбулентната врска на Рејнолдс со ќерката. Во 1977, Рејнолдс банкротираше откако по три неуспешни години го затвори хотелот и казиното.