НАРУШЕНА СТАБИЛНОСТА И НА МОСТОТ КАЈ СЕЛО УЛАНЦИ, ПОТРЕБНА Е ПРОЦЕНКА ОД СТРУЧНИ ЛИЦА

    НАРУШЕНА СТАБИЛНОСТА И НА МОСТОТ КАЈ СЕЛО УЛАНЦИ, ПОТРЕБНА Е ПРОЦЕНКА ОД СТРУЧНИ ЛИЦАНаносите од високиот водостој ги оштетиле столбовите на мостот. (Фото: СДК.МК)

    Мостот на реката Вардар кај селото Уланци, Градско е оштетен. Тоа е резултат на надојдената река и наносите кои се задржувале на столбовите изминатиот период кога имаше висок водостој, предупреди градоначалникот на Градско Киро Нацков.

    Со механизација се чистеле наносите околу столбовите на мостот, но тие предизвикале штета.

    „На почетокот на мостот еден од столбовите е напукнат. Освен за жителите на село Уланци, овој мост е врска и за имотите на населението кое преку реката одгледува земјоделски култури“,  вели Нацков.

    Проблемот бил со надоаѓање на Вардар кога големите дрва и гранки кои ги носи водата се заглавуваат помеѓу столбовите на мостот, со што се зголемува притисокот врз нив. Увид во состојбата на мостот изврши директорот на Центарот за управување кризи Стојанче Ангелов.

    „Добро е, како што сторија други локални власти, и вие да најдете средства, за да може компетентни лица да извршат проценка на состојбата на мостот“, рече Ангелов.

    Најблискиот мост е оддалечен десетици километри и се наоѓа кај село Ногаевци, поради што овој мост кај Уланци за локалното население е од големо значење.

    Мостот кај Уланци, преку Вардар е изграден во 1973 од Југословенската народна армија (ЈНА).

    П. ПЕЧКОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира