Агенцијата за храна и лекови на САД одобри крвен тест кој може да ги идентификува трудниците кои се во голем ризик да развијат сериозна форма на висок крвен притисок позната како прееклампсија, која може да има и фатални последици. Се верува дека оваа состојба придонесла за смртта на американската спринтерка Тори Боуви, која почина во април по породувањето.
Овој тест може да даде рано предупредување и да идентификува кои трудници кои имаат симптоми можат да ја развијат оваа животозагрозувачка состојба во следните две недели.
„Ова е историски, ова е револуционерно. Ова е првиот чекор кон дијагностицирањето прееклампсија од 1900 година, кога оваа состојба првпат била идентификувана“, изјави Даг Велкерс, професорот на Универзитетот на Калифорнија.
Засега е нејасно во колкав обем тестот може да го промени исходот и спаси животи, бидејќи не постои делотворен третман за прееклампсија, која вообичаено попушта по породувањето.
Новиот крвен тест развиен од „Термо Фишер сајтифик“ е достапен во Европа веќе неколку години. Наменет е за трудниците кои се хоспитализирани поради нарушување на крвниот притисок меѓу 23. и 35. недела од бременоста. Тестот може да каже со 96-процентна точност кој нема да развие прееклампсија во следните две недели и со тоа безбедно може да биде пуштен од болница. Истовремено, две третини од жените кои добиваат позитивен резултат ќе развијат сериозна прееклампсија во рок од две недели и можеби ќе мора да се породат порано