ВЛАДАТА ПАК ГО ПРЕДЛОЖИ ДАНОКОТ ЗА СОЛИДАРНОСТ, СЕ ПОВИКУВА НА ЕВРОПСКА РЕГУЛАТИВА

    ВЛАДАТА ПАК ГО ПРЕДЛОЖИ ДАНОКОТ ЗА СОЛИДАРНОСТ, СЕ ПОВИКУВА НА ЕВРОПСКА РЕГУЛАТИВАПредлагач на законот е министерот за финансии Фатмир Бесими. (Фото: Влада)

    Владата на денешната седница повторно го утврди текстот на Предлог на закон за данокот за солидарност, кој на почетокот на годината беше испратен во Собранието и по неколку месеци повлечен, откако не ни стигна на пленарна седница на усвојување.

    Овојпат, Владата се повикува на регулатива на Европската унија усвоена во октомври 2022 година за ублажување на последиците од енергетската криза и вели дека со таа регулатива се утврдува обврска за наплата на придонес за солидарност.

    „Придонесот за солидарност треба да дејствува како редистрибутивна мерка за да се осигура дека предметните компании коишто оствариле вишок профит поради неочекувани околности, пропорционално придонесуваат за ублажување на енергетската криза на внатрешниот пазар“, се вели во владиното соопштение по денешната седница.

    Од Владата додаваат дека воведувањето данок за солидарност за 2023 година е еднократна, вонредна и привремена јавна давачка.

    Обврзници на овој закон ќе бидат компании кои во 2022 година оствариле вкупен приход поголем од 10 милиони евра и профит поголем за 20 отсто од просекот во претходните три години и тој износ ќе се оданочува со стапка од 30 отсто. Од Владата очекуваат да соберат околу 80 милиони евра со оваа нова давачка.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира