Во Штип денес ретко може да се најде вистински, искусен бербер од стар ков или еснафска берберница. На прсти можат да се избројат такви, но сите не работат затоа што заминале во пензија или целосно се откажале од својот занает.
Мино Јовчев е можеби единствениот кој му пркоси на времето и на свои 70 години не се откажува од занаетот, па неговата берберница и денес живее. Малото дуќанче во центарот на Штип во близина на камениот мост на реката Отиња со години е собиралиште на штипјани.
„Заминав во пензија, но дуќанчето го отворам од хоби и носталгија за мојот стар занает, но најмногу со мисла берберството да не изумре. И порано и сега, дуќанот ми е отворен за сите млади кои сакаат да го изучуваат овој занает. Во минатото, неколкумина млади почнаа да работат со мене, но откако го подучија берберството, заминаа во странство, едни во Германија, други во Англија“, вели Јовчев и додава:
„И денес кога го отворам дуќанот, очекувам да влезе некое младо момче и да пројави интерес да стане бербер, но влегуваат само пријатели на муабет и по некој заинтересиран познаник кој бара кратка берберска услуга. Не им наплаќам, ама тие сепак оставаат по некој денар, најмногу стотка, кои одат во еден наш солидарен фонд за подучување млади кадри“, вели Мино.
Граѓаните кои се редовни посетители на берберницата „Сокол“ ја истакнуваат токму таа негова голема солидарност. Многумина мислат дека берберницата така се вика оти Мино е ловџија, но тој открива дека е именувана во сеќавање на братот на неговиот прв ортак, кој прерано починал кога се отворал дуќанот.
Искусниот бербер Мино занаетот почнал да го учи пред повеќе од половина век. Важи за еден од ретките врвни мајстори во берберството, кој се стекнал со диплома по сите тестирања, во време кога било чест да станеш чирак, па калфа и по три години тестирање и практична работа да ја добиеш дипломата за мајстор бербер.
„Јас сум единствениот активен бербер во Штип кој ги поминал сите фази во овој занает. Имав неколку години прекин кога се отвори текстилната фабрика ‘Македонка‘, но брзо се вратив во дуќанот што го отворив во центарот на градот и оттогаш, животот го поминав во берберницата“. раскажува Мино.
Според Мино, во Штип има млади луѓе кои влегоа во овој занает, отворија свои салони, но сите во последно време работат како фризери и тоа најчесто со закажан термин.
„Младите колеги денес главно работат на повик, што за нас порано беше незамисливо. Затоа јас продолжив со стариот тертип, па дуќанот го отворам од 9 до 13 часот, во време кога пулсира градот, а со тоа живеат и дуќанот и нашиот редок, но вреден занает. Така ќе тераме додека живееме и единствената желба ми е до крајот на мојот работен век некој млад човек да пројави интерес да го продолжи занаетот“, вели Јовчев, кој како последна надеж за свој наследник гледа во внукот.
Т. ЈОВАНОВСКИ