ЛЕГЕНДАРНИОТ ПЕЈАЧ ТОНИ БЕНЕТ ПОЧИНА НА 96 ГОДИНИ

    ЛЕГЕНДАРНИОТ ПЕЈАЧ ТОНИ БЕНЕТ ПОЧИНА НА 96 ГОДИНИВо кариерата која се протегна низ осум децении, Бенет продаде милиони албуми и освои 20 Греми награди (Фото: АП)

    Легендарниот американски поп и џез пејач Тони Бенет почина на 96 години во својот роден град Њујорк. Неговата публицистка Силвија Вајнер не ја објави причината за смртта, но познато е дека на Бенет му беше дијагностицирана Алцхајмеровата болест во 2016.

    Во кариерата која се протегна низ осум децении, Бенет продаде милиони албуми, освои 20 Греми награди и сними дуети со Френк Синатра, Арета Френклин и Леди Гага, кои го опишаа како „најдобриот пејач во бизнисот“.

    Роден како Ентони Доминик Бенедето во семејство на италијански имигранти, тој имал само десет години кога починал татко му, по што живееле во сиромаштија. Почнал да пее како тинејџер, а во 1944 бил регрутиран во американската војска и се борел во Франција и Германија во Втората светска војна.

    По враќањето дома ја продолжил пејачката кариера, а првиот голем хит го имал во 1951 година, кога со песната „Поради тебе“ стигнал до првото место на топ-листата. Бенет станал тинејџерски идол и првиот албум го објавил следната година. Во сите наредни децении имал песни на топ-листите, иако неговата слава почнала да бледнее со појавата на групи како „Битлс“ и „Ролинг стоунс“.

    Неговата кариера доживеа нов замав во 1980-ите и се здоби со нова генерација фанови, соработувајќи со Ејми Вајнхаус, Леди Гага, Џорџ Мајкл и Квин Латифа.

    Во лето 2021 објави дека веќе нема да настапува поради проблеми со здравјето, одржувајќи ги последните два концерта во кариерата со Леди Гага во Менхетн.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира