Стотици туристи денеска мораа да бидат евакуирани од три хотели кои подоцна беа оштетени од пламените јазици на југоисточниот брег на островот Родос, бидејќи огромниот шумски пожар што гори на островот од вторникот наутро продолжи брзо да се шири. Туристите во областа Киотари постепено беа префрлени на блиската плажа и оттаму во безбедни области во другите делови на островот, соопштија властите.
Министерството за климатски кризи и цивилна заштита им кажа на жителите во селата Лардос, Пилонас, Асклипиос и Киотари да се евакуираат кон Генади. Претходно, пожарникарите успеаја да ги убедат да заминат калуѓерките од манастирот Ипсени кои одбиваа да го напуштат.
Операцијата на Родос беше тешка со силни ветрови што ги разгореа пламените јазици и со екстремни температури што повторно ги разгореа пожарите во другите области на островот. Вкупно 173 пожарникари заедно со водени бомбардери беа во областа попладнево.
Голем дел од островот остана без струја како дел од серијата планирани прекини од јавното претпријатие за електрична енергија ППЦ, кое ја затвори локалната централа на југ од безбедносни причини.