Вечерва во 20 часот на платото пред Меморијалниот центар на холокаустот на Евреите од Македонија, некогашно Еврејско Маало, ќе биде отворена изложбата „Последниот татнеж во Еврејското маало- фотографски факти низ објективот на Рафаел Алтарас“. Изложбата се состои од 14 паноа на кои преку фотографии е претставен животот во Скопје и скопското Еврејско Маало пред земјотресот, веднаш по катастрофата и почетоците на создавањето на модерно Скопје. Кураторка на изложбата е Жаклина Мучева.
Мал дел од фотографиите се од архивската документација на Меморијалниот центар на холокаустот на Евреите од Македонија, а поголемиот број се создадени од Алтарас и добиени на подарок од неговиот син, за Фондот на холокаустот.
Рафаел (Ратко) Алтарас е роден на 28 март 1923 во Белград, како шесто дете на Авраам и Флора Алтарас, сефардско еврејско семејство. Во 1941, на 18 години, тој се приклучил на партизанското движење во борбата за ослободување на земјата, и бил носител на партизанска споменица 41-ва (прв борец). Од целото семејство Алтарас, тој и неговите две постари сестри, кои се венчале пред почетокот на војната (презимиња Димитријевиќ и Радовиќ), ја преживеале војната. По неговото ослободување, тој ја продолжил својата кариера како офицер на ЈНА и се пензионирал во ранг на полковник на ЈНА.
„Во периодот од 1959 до 1963, тој служел во скопскиот воен округ, и го доживеал скопскиот земјотрес таму – тој бил меѓу првите кои дошле да им помогнат на повредените. Бидејќи фотографирањето му било хоби и никаде не одел без фотоапаратот, помагајќи и фотографирал. Со тоа фотографиите биле создадени како автентичен запис за ужасот кој го снајде градот Скопје“, вели Мучева.
Изложбата е по повод одбележувањето на 60 години од скопскиот земјотрес во Еврејското маало и 80 години од депортацијата на македонските Евреи.
Изложбата ќе трае до 31 август и ќе биде поставена на вториот спрат во Меморијалниот центар на холокаустот. Влезот е слободен.