НАЈВИСОКА ТЕМПЕРАТУРА ОД 45,7 СТЕПЕНИ ЦЕЛЗИУСОВИ ВО МАКЕДОНИЈА ИМАЛО НА 24 ЈУЛИ 2007, ЛЕТОВО УШТЕ НЕ СЕ ИЗМЕРЕНИ РЕКОРДИ, ИАКО ШАНСИТЕ СЕ ГОЛЕМИ, ВЕЛАТ ОД УХМР

    НАЈВИСОКА ТЕМПЕРАТУРА ОД 45,7 СТЕПЕНИ ЦЕЛЗИУСОВИ ВО МАКЕДОНИЈА ИМАЛО НА 24 ЈУЛИ 2007, ЛЕТОВО УШТЕ НЕ СЕ ИЗМЕРЕНИ РЕКОРДИ, ИАКО ШАНСИТЕ СЕ ГОЛЕМИ, ВЕЛАТ ОД УХМРНајтопол ден годинава бил 22 јули кога во Демир Капија се измерени 42,1 степен, а во Скопје 40,3 степени Целзиусови. (Фото: К. Попов)

    Летово не се измерени рекордни температури во Македонија иако земјава веќе втора недела е во портокалова фаза. Според податоците од Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР), нависоки температури годинава се измерени на 22 јули кога во Демир Капија се измерени 42,1 степен, а во Скопје температурата изнесувала 40,3 степени Целзиусови. Од УХМР велат дека големи се шансите годинава да се измерат и повисоки температури.

    „Највисока максимална температура на воздухот во државава е измерена во Демир Капија од 45,7 степени Целзиусови на 24 јули 2007 година, а во Скопје температурата била 43,4 степени. Заклучно со 23 јули оваа година на целата територија на државата не е регистрирана највисока температура. По завршување на летото може да се види дали годинава ќе се надмине апсолутно највисоката температура на територијата на државава. Со голема веројатност се очекува дека летото 2023 ќе биде потопло, а врнежите се очекува да бидат просечни“, вели Александар Д. Проданов од УХМР.

    Најтопол ден во државава е регистриран на 5 јули.2000 година во Гевгелија со средно дневна температура од 34,7 Целзиусови степени, додека во Скопје тоа било на 24 јули 2007 со температура од 32,6 Целзиусови степени. Заклучно со 23 јули оваа година најтопол ден е регистриран во Штип на 22.07 со температура од 32,4°C, а во Скопје е регистрирана температура од 30,8°C.

    Според анализите за целиот југоисточен регион на Европа, се очекува летните температури да достигнат натпросечни вредности. Како што објаснува Проданов, во земјава постои голема веројатност за надминување на температурите од многугодишните просечни вредности. Надминувањето на температурите може да достигне и до 3 степени целзиусови речиси на целата територија. Најголемото позитивно отстапување на температурата на воздухот од повеќегодишните просеци за оваа сезона се очекува да биде во месец јули.

    „Несигурноста кај регионалните прогнозирања за врнежите е секогаш поголема во однос на температурата. Се очекува целиот југоисточен регион на Европа да има врнежи под просечните. Јасен сигнал нема ни за територијата на целиот југоисточен регион на Европа, а ни за Северна Македонија, каде моделите покажуваат дека врнежите се очекува да бидат во рамки на многугодишните просеци. Најголемо негативно отстапување на врнежите за оваа сезона се очекува да биде во месец август. Во планинските делови постои голема веројатност дека просечните врнежи ќе бидат надминати поради епизоди на засилена конвекција и појава на обилни врнежи“, вели Проданов.

    Од УХМР велат дека сезонскиот изглед на времето е научен пристап кој овозможува информации за климатските карактеристики за неколку месеци или сезони однапред и дека до крајот на летото постои веројатност да се јават периоди со исклучително топло и сушно време, како и веројатност за изразени негативни отстапувања од вообичаените средни вредности на температурата, но и влажни продори.

    А. АНТЕВСКА

     

     

     

     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира