„СКОПЈЕ ФИЛМ СТУДИО“ ЗА 500.000 ЕВРА ЌЕ ГИ ПРАВИ СИТЕ ПРОСЛАВИ НА ДРЖАВНИТЕ ПРАЗНИЦИ И НАСТАН ОД ОТВОРЕН БАЛКАН, ОСВЕН ГОДИШНИНАТА ОД РАМКОВНИОТ ДОГОВОР КОЈА ЌЕ ЈА ОРГАНИЗИРА „АРБЕРИА ДИЗАЈН“ ЗА 100.000 ЕВРА

    „СКОПЈЕ ФИЛМ СТУДИО“ ЗА 500.000 ЕВРА ЌЕ ГИ ПРАВИ СИТЕ ПРОСЛАВИ НА ДРЖАВНИТЕ ПРАЗНИЦИ И НАСТАН ОД ОТВОРЕН БАЛКАН, ОСВЕН ГОДИШНИНАТА ОД РАМКОВНИОТ ДОГОВОР КОЈА ЌЕ ЈА ОРГАНИЗИРА „АРБЕРИА ДИЗАЈН“ ЗА 100.000 ЕВРАИстата фирма, „Скопје филм студио“, годинава ја организираше и прославата на 24 Мај - Денот на сесловенските просветители Св. Кирил и Методиј за речиси 150.000 евра. Премиерот и дел од министрите на одбележување на 24 мај (Фото: Влада на РСМ)

    За организација на преостанатите четири државни празници годинава, како и настан од Отворен Балкан, Владата ќе ѝ плати околу половина милион евра на фирмата „Скопје Филм Студио“, според договорот објавен од Бирото за јавни набавки.

    Како што е наведено во договорот, станува збор за празниците 2 Август – Денот на Републиката, Илинден, 8 Септември – Денот на независноста, 11 Октомври – Денот на народното востание и 8 Декември – Ден на Св. Климент Охридски.

    За „осмислување и реализација на активности кои ќе обезбедат креативна, продукциска, техничка и организациска поддршка за реализација на настани за одбележување“ на овие четири празници, „Скопје Филм Студио“ ќе добие околу 350.000 евра, додека за настан во врска со регионалната иницијатива Отворен Балкан ќе добие уште околу 150.000 евра.

    На огласот за оваа јавна набавка немало други понудувачи.

    Истата фирма годинава ја организираше и прославата на 24 Мај – Денот на сесловенските просветители Св. Кирил и Методиј за речиси 150.000 евра. „Скопје Филм Студио“ лани го доби и владиниот тендер за околу 60.000 евра за „Услуги за креативна, продукциска, техничка и организациска поддршка за реализација на настан за одбележување на Денот на независноста на Република Северна Македонија, 8 Септември“.

    Единствено одбележување кое ќе го организира друга фирма е годишнината од Охридскиот рамковен договор на 13 август. Министерство за политички систем и односи меѓу заедниците на вицепремиерот Артан Груби ја избра фирмата „Арбериа дизајн“, според објавата на Бирото за јавни набавки.

    За хотелски и угостителски услуги, како и за креатива, тетовската фирма ќе добие околу 100.000 евра, исто колку што доби и за ланското одбележување на годишнината.

    И на овој оглас имало само еден понудувач.

    Тоа е истата фирма што лани го доби тендерот за печатење на свидетелствата за 130.000 евра, а често добива и други тендери од институции со кои што раководат кадри на ДУИ. Годинава ги организираше и настаните за ставање камен темелник на автопатите од коридорите 8 и 10д во Тетово и Прилеп.

    М. ИЛИОСКИ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира