Кајчар од Охрид бил пронајден без свест во своето кајче среде езерото кај црквата Канео. Бил каснат од пчела, по што настанала анафилактичка реакција, која се јавува одеднаш и може да доведе до смрт, ако не се реагира навремено.
Кајчето прво го забележале други кајчари, кои го извлекле каснатиот охриѓанец, а итната медицинска помош стигнала навреме. Лицето веднаш било превезено во болница.
„Откако ја прими соодветната терапија, тој веднаш беше однесен во Интерното одделение. Бил каснат од пчела на прст од рака и му се слошило. Кога дојдовме беше неконтактибилен и во тешка состојба. Боцнавме венски, по што ги отвори очите и го однесовме на Интерно, каде што прими дополнителна терапија и моментално е добар“, велат од Брзата помош.
Кајчарот имал алергиска реакција и претходно, па кога видел дека плеча го каснала, го извлекол осилото, но отровот веќе бил навлезен во телото.
Анафилактичен шок е генерализирана алергиска реакција која предизвикува тешки состојби. Од Брзата помош велат дека има случаи кога пациентот нема пулс при ваква бурна реакција на убод од пчела.
С. ВРЕНЦОВСКА