За три часа во Битола избувнаа десетина пожари, за кои од Противпожарната единица велат дека биле подметнати. Најопасно беше во населбата Стрелиште на влезот на Битола од страната на Прилеп, каде огнот се доближа до објектот каде се сместени училиште и градинка. Пожарникарите вложија натчовечки напори да го спасат објектот.
„Од 13 часот континуирано на секои 15 до 20 минути ни палеа пожари. Во Стрелиште се зафати градинката, интервениравме таму со две возила и шест пожарникари. Мораа да ги скршат прозорците од училиштето за да влезат внатре, да се исклучи струјата и да се спаси објектот. Од 13 часот наваму имаме 10 до 11 интервенции на различни локации“, рече Горан Димковски од Противпожарната единица во Битола.
Дождот што падна попладнево во Битола им помогна на пожарникарите во гасењето на пожарите.
Ж. ЗДРАВКОВСКА