Еден од најопасните италијански бегалци е фатен во Грција откако неговата локација била откриена преку фотографија на која ја слави шампионсиата титула на фудбалскиот клуб Наполи. Шеесетгодишниот Винченцо Ла Порта, кој имал блиски врски со неаполската мафија Камора, бил 11 години во бегство, но порано оваа година бил забележан на фотографија снимена на грчкиот остров Крф.
„Она што го откри е неговата страст кон фудбалот и Наполи. Ла Порта не можел да одолее да слави“, изјави полицијата на Неапол.
Таа додаде дека фотографијата била направена откако Наполи во мај ја освои првата титула во Серија А по повеќе од три децении пауза.
Ла Порта е осуден во Италија во отсуство за даночно затајување, измама и за поврзаност со криминална група. Полицијата конечно го уапсила во петокот на Крф и сега чека екстрадиција во Италија, каде што треба да служи затвор од 14 години и четири месеци.
„Тој почнал ново семејство во Грција, има деветмесечен син и работел како готвач. Ако го екстрадираат, неговото семејство ќе биде уништено“, изјави адвокатот на Ла Порта.