РУСИЈА ГИ ПРЕДУПРЕДИ ЗАПАДНОАФРИКАНСКИТЕ ЗЕМЈИ ДА НЕ ИНТЕРВЕНИРААТ ВО НИГЕР

    РУСИЈА ГИ ПРЕДУПРЕДИ ЗАПАДНОАФРИКАНСКИТЕ ЗЕМЈИ ДА НЕ ИНТЕРВЕНИРААТ ВО НИГЕРВоена интервенција би го дестабилизирала целиот регион Сахел, вели Русија. (Фото: Гети)

    Русија предупреди дека воената интервенција во Нигер ќе доведе до „пролонгирана конфронтација“ откако регионалниот блок ЕКОВАС рече дека ќе мобилизира војска во состојба на готовност. Таквата интервенција би го дестабилизирала регионот Сахел во целина, соопшти руското Министерство за надворешни работи. Русија формално не го поддржува државниот удар.

    Но САД, кои ги поддржуваат напорите за враќање на соборениот лидер Мохамед Базум, велат дека руската платеничка група Вагнер ја користи нестабилноста. Вчера приврзаниците на пучот, некои веејќи руски знамиња, протестираа во француската воена база во близина на главниот град Ниамеј, а некои извикуваа „долу Франција, долу ЕКОВАС“. И Франција и САД имаат воени бази во Нигер и тие се користени за започнување операции против џихадистичките групи во поширокиот регион.

    Воените претставници од земјите на Ековас, ќе се состанат денеска за да изготват планови за воена интервенција. Блокот рече дека останува отворен за изнаоѓање дипломатско решение за кризата, но нигерискиот претседател Бола Тинубу завчера рече дека „ниту една опција не е исклучена, вклучително и употребата на сила како последно средство“.

    САД не поддржаа експлицитно воена акција, но ја повикаа хунтата да се повлече и да дозволи обновување на демократскиот устав на земјата. Нигериската хунта не одговори на најновите изјави на лидерите на EКОВАС.

    Во меѓувреме растат стравувањата за здравјето и безбедноста на Базум, кој беше заробен откако војската ја презеде власта на 26 јули. Тој и неговото семејство беа „лишени од храна, електрична енергија и медицинска нега неколку дена“, рече шефот за надворешна политика на ЕУ, Жозеп Борел. Комесарот за права на ОН, Волкер Турк, рече дека добил веродостојни извештаи оти условите на притвор „може да претставуваат нечовечки и понижувачки третман“. Групата за права Хуманс рајтс воч рече дека Базум неделава им кажал оти тој и неговото семејство се третирани на „нечовечки и суров“ начин.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира