НЕМА ПОТРЕБА ОД ПАНИКА ЗА КОНГО-КРИМСКАТА ТРЕСКА, НЕ Е СЕКОЈ КРЛЕЖ ЗАРАЗЕН, ВЕЛИ Д-Р ПЕТЛИЧКОВСКИ, ПРЕТСЕДАТЕЛ НА КОМИСИЈАТА ЗА ЗАРАЗНИ БОЛЕСТИ

    НЕМА ПОТРЕБА ОД ПАНИКА ЗА КОНГО-КРИМСКАТА ТРЕСКА, НЕ Е СЕКОЈ КРЛЕЖ ЗАРАЗЕН,  ВЕЛИ Д-Р ПЕТЛИЧКОВСКИ, ПРЕТСЕДАТЕЛ НА КОМИСИЈАТА ЗА ЗАРАЗНИ БОЛЕСТИД-р Петличковски апелира дека дека нема простор од плашење, ова не е болест која се пренесува лесно, пренесувањето е исклучиво по пат на каснување од крлеж кој е заразен со вирусот. (Фото: К. Попов)

    Нема место за паника во врска со конго-кримската треска (КТТ), ниту е продуктивна, нити е потребна, вирусот кој ја пренесува оваа болест е постојано присутен тука, кај стоката, не е појавен првпат годинава, рече денеска претседателот на Комисијата за заразни болести д-р Александар Петличковски.

    Во земјава има три регистрирани случаи на заразени со КТТ, откако на 30 јули почина 27-годишна жена од Штипско по убод од заразен крлеж, па од неа се зарази болничарка од Клиниката за инфективни болести, која веќе се опоравува. Последниот заразен е потврден во саботата вечерта, и се работи за 42-годишен велешанец кој најверојатно бил каснат од крлеж при рибарење во реката Вардар.

    Комисијата денеска имаше состанок во проширен состав, заедно со претставници на Агенцијата за храна и ветеринарство, Факултетот за ветерина, од Центрите за јавно здравје во Штип и Велес, како и министерот за здравство Фатмир меџити.

    Тие предлагаат повеќе превентивни мерки како: прецизно информирање на населението и здравствените работници за тоа како се добива болеста и брзо процесирање на сомнителните случаи до одделенијата за инфективна патологија или до Инфективна клиника.

    Земјава во моментов има доволно тестови за оваа болест, нарачана е дополнителна количина и се очекува да стигне, исто така и терапијата , рече тој.

    „Повторно апелирам дека нема простор од плашење, ова не е болест која се пренесува лесно, пренесувањето е исклучиво по пат на каснување од крлеж кој е заразен со вирусот. Крлежи има многу, особено во летните месеци, глобалното затоплување придонесува за нивна поинтензивна активност. Но, не е секој крлеж заразен со некој вирус. Така што, не се забранува на луѓето да излегуваат на отворени површини, но кога ќе излегуваат, треба да имаат предвид и да бидат позаштитени. Риболовци, ловџии, сточари, се особено изложени на оваа опасност, особено и здравствените работници кои се изложени и треба повеќе да се заштитуваат при контакт со сомнителни пациенти“, вели Петличковски.

    Комисијата ќе побара од Владата организирање на акциски план во кој ќе се направи прво проценка на преваленцата, колку често овие крлежи ги има по различните региони и таму каде што ќе бидат детектирани се планира да се направи една дезинсекција која е клучна превентивна мерка.

    Вчера ветеринарни служби почнаа да ја испитуваат околината на Вардар, а д-р Петличковски кажа дека сѐ уште немаат резултати од заловените крлежи, но очекува таа акција да трае и наредните 2-3 недели, за да се заловат повеќе примероци.

    За морбидитетот и морталитетот од оваа болест, д-р Петличкловски кажа дека е сериозен, значи дека оние кои ќе се разболат, значаен процент може да заврши со фатален исход. Но, вели тој, има дека има различни генотипови на вирусот, некои од нив се со висока смртност, некои се со ниска.

    „За волја на вистината, ако логично размислуваме, врз основа на научните истражувања на Факултетот за ветерина, ние откриваме дека стоката, животните во Македонија се постојано изложени. Тоа не е вирус кој се појавил годинава. Во тие истражување над 30 проценти од различните стоки говеда, овци, кози се со прележан вирус, т. е веќе биле во контакт со вирусот. Меѓутоа, немаме информации  за хоспиталиизрани случаи предизвикани од овој вирус, што значи дека е тука, но можнот е да се од таа поблага варијанта, така што лушето не стигнуваат до болница“, кажа претседателот на Комисијата додавајќи дека една од нивните препораки е да се направи типизација на варијантите, со цел да имаат комплетна слика.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира