КАНАЛИЗАЦИЈАТА ЗА ТУРИСТИЧКИТЕ ОБЈЕКТИ ВО ПАРКОТ ПЕЛИСТЕР ИЗГРАДЕНА ПРЕД 14 ГОДИНИ Е ВОН УПОТРЕБА, ГОДИНАВА СЕ ОЧЕКУВА ДА ПОЧНЕ ИЗГРАДБА НА ПРЕЧИСТИТЕЛНА СТАНИЦА

    КАНАЛИЗАЦИЈАТА ЗА ТУРИСТИЧКИТЕ ОБЈЕКТИ ВО ПАРКОТ ПЕЛИСТЕР ИЗГРАДЕНА ПРЕД 14 ГОДИНИ Е ВОН УПОТРЕБА, ГОДИНАВА СЕ ОЧЕКУВА ДА ПОЧНЕ ИЗГРАДБА НА ПРЕЧИСТИТЕЛНА СТАНИЦАИ годинава анализите на Центарот за јавно здравје од Битола покажаа дека водата во дел од планинските чешми и оние во потпелистерските села е загадена со фекални бактерии. (Фото: СДК.МК)

    И по 14 години од изградбата на канализацијата од хотелот Молика до Детското одморалиште во националниот парк Пелистер таа не е пуштена во функција. Недостига да се изгради пречистителна станица за да ги опфати отпадните води од туристичките објекти. Дел од нив останаа со септички јами, па ги загадуваат планинските водотеци.

    Од Општина Битола велат дека годинава треба да започне изградбата на пречистителната станица во Националниот парк Пелистер со што ќе се заокружи канализациониот систем за прифаќање на отпадните води од туристичките објекти. Градоначалникот на Општина Битола Тони Коњановски вели дека проектот за градба е одобрен, а постапката за избор на изведувач треба да заврши до октомври. Изградбата ќе чини 14.4 милиони денари (236 000 евра), од кои преку Пелагонискиот плански регион обезбедени се 7 милиони, а од буџетот на Општината за 2023 година планирани се 7.4 милиони денари.

    „Во 2008 и 2009 година од хотел Молика па се до Детското одморалиште, по постоечкиот асфалтиран пат, беше изградена канализација со приближна должина од 2.800 метри, која се до ден денес не ставена е во употреба. Овој дел ги прифаќа водите од хотел Молика, објектите непосредно под хотелот, Инфо центарот и Детското одмаралиште, каде во непосредна близина ќе биде изградена пречистителната станица. За да се заокружи целиот канализационен систем, Општина Битола во 2023 година приготви техничка документација за изградба на станицата со два крака, едниот до Детското одмаралиште во должина од 235 метри и другиот за објектите под хотел Молика, Инфо центарот во должина од 225 метри и ќе се приклучува на веќе изградениот колектор од хотел Молика“, соопштија од Општина Битола.

    Долгогодишниот проблем со отпадните води на Пелистер го чувствуваат и туристите зашто има делови дури и во строго заштитената зона од планината кои мирисаат на фекалии. И годинава анализите на Центарот за јавно здравје од Битола покажаа дека водата во дел од планинските чешми и оние во потпелистерските села е загадена со фекални бактерии. Од 15 земени примероци врз кои беше извршена микробиолошка и физичко-хемиска анализа, сите покажаа бактериолошка неисправност и присуство на бактерија ешерихија коли која е индикатор за фекално згадување.

    „Овој проект многу ќе значи за екологијата и за животната средина имајќи предвид дека водата од сите чешми што се во тој дел на Пелистер е микробиолошки и хигиенски неисправна за пиење. Локалната самоуправа мора да даде посебна поддршка во делот на својата надлежност, со цел искористување на благодетите на планината“, рече Коњановски.

    Со прифаќање на отпадните води од потпелистерските села каде има повеќе објекти, вили, ресторани се започна уште пред неколку години. Опфатени се селата Трново и Магарево. Изграден е колектор во село Трново во должина од 2100 метри, секундарна мрежа од 1369 метри и пречистителна станица. Вкупната вредност на вложените средства во досегашниот период изнесува 41.351.193 денари.

    „Во 2023 година, планирано е да се започне со изградба на канализација во должина од 540 метри за што веќе е склучен договор со изведувач и надзор, а постапката ја води Министерството за транспорт и врски, а во 2024 година планирана е изградба на секундарна мрежа во вредност од 10.400.000 денари“, соопштија од Општина Битола.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира