МАКЕДОНСКИОТ ТУТУН БИЛ ГЛАВНА СОСТОЈКА ВО НАЈПОПУЛАРНИТЕ ГЕРМАНСКИ ЦИГАРИ ВО ПРВАТА ПОЛОВИНА НА 20. ВЕК

    МАКЕДОНСКИОТ ТУТУН БИЛ ГЛАВНА СОСТОЈКА ВО НАЈПОПУЛАРНИТЕ ГЕРМАНСКИ ЦИГАРИ ВО ПРВАТА ПОЛОВИНА НА 20. ВЕКФотографија од Потстамер плац во Берлин, со рекламен билборд за цигари помеѓу Првата и Втората светска војна. (Фото: СДК.МК)

    Нашиот сограѓанин Влатко Милошевски, кој минатата година го објави делото „Странски сликари во Македонија во периодот 1850-1950 година“ и понатаму неуморно трага по сè она што е поврзано со Македонија, а се наоѓа во музеите или аукциските куќи низ цел свет.

    Таа потрага по уметноста сврзана со Македонија и настаните кои се однесуваат за Македонија, а се опишани во странските медиуми и архиви секогаш носи нови и до сега непознати податоци од минатото поврзани со Македонија. Една таква сторија од првата половина на дваесеттиот век е поврзана со македонскиот тутун.

    „Неодамна, следејќи ги преку интернет бројните аукции низ светот, се појави една понуда за постер поврзан со Македонија. Постерот беше понуден од една холандска аукциска куќа. Цената воопшто не му беше мала, бараа 400 евра што за еден постер е навистина доста висока цена. Не го купив постерот, но тоа ме заинтригира да почнам да истражувам како на тој постер се нашло името Македонија“, ја започнува својата приказна Влатко Милошевски.

    „На почетокот на 20. век, браќата Хајнрих и Аугуст Нојбург од германското гратче Триер кое се наоѓа на самата граница со Луксембург, наместо со откуп на тутун започнале со производство на цигари. На цигарите им дале имиња Löwenbrück, и Güldenring според германските региони од каде доаѓал тутунот. Првите години од бизнисот им биле тешки. Тогаш браќата Нојбург увиделе дека во бизнисот со цигари можеби е најбитна рекламата. Пошле од идејата, да се запали цигара е како да се вкуси некаква авантура од далечните егзотични земји кои, најголемиот дел од муштериите, немале шанси да ги посетат. Во потрага по тие странски и непознати земји, се решиле да увезат тутун од нај егзотичниот регион во Европа од Македонија. Тутунот што го увезувале потекнувал од југоисточна Македонија од Струмица, Кавала, Серес, Ксанти“, раскажува Милошевски.

    Цигарите „Гордост“ и „Сонце од Македонија“. (Фото: СДК.МК)

    Така браќата Нојбург несвесно го одбрале најубавиот тутун кој на цигарите им давал убав вкус, а егзотичниот мирис кој го испуштал македонскиот тутун придонел овие цигари брзо да стекнат голема популарност во Германија.

    „Во 1928 година започнуваат со продажба на новата марка цигари – Overstolz – или ‘Гордост’, а цигарите ги пласирале со пораката ‘Сонцето од Македонија’ (Sonne Aus Macedonien). За таа цел го најмиле уметникот за реклами Киснер (Kissner – сé уште работам на негова идентификација) кој изработува рекламен постер и серија на рекламни написи кои биле објавувани во весниците од тоа време. Бил отпечатен и голем постер со димензии 84 x 119 cm. На рекламниот постер од 1928 година, Киснер ја претставил земјината топка облиена во топлината на сонцето, каде што еден најсветол зрак ја осветлува Македонија. Рекламните пораки ‘Сонцето на Македонија’ и ‘Македонска Гордост’ се поставени во горниот и долниот дел од рекламата. Логото на компанијата ‘Haus Neuerburg’ е поставено горе лево. Рекламните статии во весниците за сортата „Гордост“ изобилувале со ориентална романтика. Македонија била опишана како регион во кој што се измешале многу култури, вери и јазици во една ориентална хармонија. Македонскиот тутун по квалитет се споредувал со тутунот од Бразил, Куба и Суматра. Бизнисот тргнал. Цигарите ‘Гордост’ биле голем успех. Браќата отвориле втора фабрика во Келн. Во 1959 година ја продаваат фирмата за огромни пари на американскиот тутунски гигант JR Raynolds, кој започнува со производство на сортата Camel. Во 1999 година, JR Raynolds е купен од јапонскиот тутунски гигант Japan Tobacco или JT International. Марката „Гордост (Overstolz)” е единствена марка цигари која ги преживеала сите овие финансиски турбуленции и сé уште се продава и до ден денес. И после скоро 100 години ‘Сонцето од Македонија’ сé уште свети“, раскажува Влатко Милошевски.

    З. АНДОНОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира