На 20. Стрип салон во Велес беше промовирана публикацијата „Македонскиот стрип во ревијата ЈУ стрип“, чиј автор е штипјанецот Александар Стеванов. „ЈУ стрип“ е белградско списание кое излегуваше од 1977 до 1987 година.
„За разлика од другите стрип публикации кои во истиот период излегувале во Југославија, во ‘ЈУ стрип‘ се објавувале и македонски стрип автори. Многу е битно да се открие и публикува таа етапа од македонската стрип историја. Преку ова издание македонските автори беа промовирани на просторот на поранешна Југославија“, кажа Стеванов, кој по струка е лекар, но сега работи компјутерска анимација.
Неговото истражување покажало дека првиот македонски стрип автор чие дело било објавено во „Ју стрип“ е Илија Поповски, син на писателот Стале Попов. Станува збор за стрипот „Вселенска авантура“.
„Не се работи за научна фантастика, туку за една монтипајтоновска комедија, комедија на граница на апсурдот. Многу е забавен стрипот, интересен, забот на времето го нема прегазено до денес“, додава Стеванов.
Потоа во три броја на „Ју стрип“ бил претставен Љупчо Филипоски, кој важи за најзначајниот македонски автор. Првиот бил „Одмазда на еднооките“ за војниците на Самоил. Тој бил првично објавен во стрип едицијата „Никад робом“, а на барање на читателите е реобјавен во „Ју стрип“.
Свои стрипови објавил и Димитар Иванов Димано и тоа за најпознатиот македонски шегобиец Итар Пејо.
Издавач на публикацијата „Македонскиот стрип во ревијата ЈУ стрип“ е самиот автор Александар Стеванов, а финансиски е помогната од Министерството за култура.
П. ПЕЧКОВ