ЕСКПРЕСНО УСВОЕНИ ЗАКОНСКИТЕ ИЗМЕНИ ЗА ПОМАЛИ ЗАТВОРСКИ КАЗНИ И ПОБРЗО ЗАСТАРУВАЊЕ НА КРИМИНАЛОТ НА ФУНКЦИОНЕРИТЕ

    ЕСКПРЕСНО УСВОЕНИ ЗАКОНСКИТЕ ИЗМЕНИ ЗА ПОМАЛИ ЗАТВОРСКИ КАЗНИ И ПОБРЗО ЗАСТАРУВАЊЕ НА КРИМИНАЛОТ НА ФУНКЦИОНЕРИТЕПотпишан на предложените законски измени е премиерот Димитар Ковачевски и во образложението се вели дека тие произлегуваат од Националната програма за усвојување на правото на ЕУ. (Фото: СДК.МК)

    Собранието успеа за два дена да ја помине процедурата за усвојување на измените на Кривичниот законик со кои се намалуваат затворските казни за најтешките форми на корупција. „За“ гласаа 48 пратеници, „против“ беа 36 и имаше еден „воздржан“.

    Законот се донесе со европско знаменце, во забрзана постапка, бидејќи, како што кажа претставникот на Владата на седницата, од вкупно 38 члена во законските измени и дополнувања, 35 се со директивите на ЕУ.

    Но, токму измените на членот 353 кој се однесува на криминалот на функционерите, не е меѓу тие 35 членови.

    Со ставот 3 од овој член за кривичното дело Злоупотреба на службената положба и овластувања беше предвидена затворска казна од најмалку три години, ако сторителот прибави значителна имотна корист или нанесе значителна штета, а со измената казната е намалена на една до пет години затвор.

    Ставот 5 кој предвидуваше затворска казна од најмалку пет години ако делото е сторено при вршење јавни набавки или на штета на средствата од Буџетот на Македонија, од јавните фондови или од други средства на државата, со измените се брише и не постои веќе.

    Со одредување горна граница на можната затворска казна се отвора можност за уште побрзо застарување на делата, што веќе стана пракса во судските случаи со поранешните функционери.

    М. ИЛИОСКИ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира