СЕКОГАШ КОГА Е КРИТИКУВАН КАКО ПРЕМИЕР, МИЦКОСКИ СЕ БРАНИ КАКО ПРОФЕСОР, КАЖА БЛЕНДИ ХОДАИ И РЕЧЕ ДЕКА НЕ Е НАВРЕДА ДА СЕ БАРА 140 ДЕНАРИ ПЛУС ЗА СТУДЕНТСКИ ОБРОК, ТУКУ ДА СТАНЕШ АСИСТЕНТ НА ТАТКО ТИ

    СЕКОГАШ КОГА Е КРИТИКУВАН КАКО ПРЕМИЕР, МИЦКОСКИ СЕ БРАНИ КАКО ПРОФЕСОР, КАЖА БЛЕНДИ ХОДАИ И РЕЧЕ ДЕКА НЕ Е НАВРЕДА ДА СЕ БАРА 140 ДЕНАРИ ПЛУС ЗА СТУДЕНТСКИ ОБРОК, ТУКУ ДА СТАНЕШ АСИСТЕНТ НА ТАТКО ТИНека ги отворат бифеата во Собранието и во Владата, нека јадат студентите со 160 денари бифтек, како што јадат пратениците, па потоа нека зборуваат што може да се купи со 140 денари, кажа Ходаи и го разлути премиерот. (Фото:СДК.МК)

    Бленди Ходаи од Форумот за образовни политики кој поднесе тужба против Владата и Министерството за образование за три години забетонираните 140 денари студентски оброк, побара ретроактивна исплата за долгот кон студентите и отворени врати во собранискиот и во владиниот ресторан за и студентите да јадат бифтек за 160 денари, а кое премиерот го сфати како навреда, му врати дека секогаш кога е критикуван како премиер, се брани како професор.

    Ходаи му одговори на Мицкоски и дека навреда е „да станеш професор како асистент на татко ти“, што е случај токму на премиерот, професор Христијан Мицкоски од Машински факултет, кој станал асистент по машински науки кај татко му, професорот во пензија Иван Мицкоски.

    „Премиерот Христијан Мицкоски ни кажа дека не е пристојно да ги навредуваме професорите. Почитуван премиере, како сакате да ви се обратам денеска? Како премиер, или како професор? Оти секогаш кога ве критикуваме како премиер, вие се браните како професор. Како професор вие многу добро знаете дека вистината никогаш не може да биде навреда. Навреда е омаловажувањето на студентите, навреда е што не ги плаќате со сумата што треба да ја платите, според субвенционираниот студентски оброк, навреда е исто така да станете професор на факултет како асистент на татко си. Така што, место да дебатираме и полемизираме преку медиумите, ве поканувам на една дебата сред чаршија, нормално ако не се навредувате, и нормално, вие ќе изберете дали сакате да дебатираме како премиер или како професор“, одговори Ходаи со видео порака.

    Денеска на новинарско прашање, Мицкоски го нарече Ходаи „ова лице“ и патем го искара дека ги навредил професорите.

    „Ја слушнав изјавата не само од оваа лице, туку и од други поединци. Во најмала мерка како редовен универзитетски професор, педагог и родител можам да кажам дека бев непријатно изненаден, би рекол шокиран бидејќи на тој начин да се навредуваат како што тој го направи редовни професори, бидејќи и министерката за образование и јас како претседател на Владата, сме сепак редовни професори и генерации, генерации студенти сме помогнале да се стекнат со знаење кое што понатаму би им требало во животот за нив и нивните семејства, во најмала рака е непристојно“, кажа премиерот.

    Премиерот додаде дека кога ќе заврши со политиката, повторно ќе се врати на Универзитетот и повторно ќе работи и ќе другарува како што рече со студентите.

    Во петокот, Бленди кој е поранешен претседател на Сојузот на средношколци на Македонија, реагираше на висината на средствата наменети за студентски оброк. Рече дека пратениците и владините функционери треба самите да покажат како може да се помине со дневниот износ што им е на располагање на студентите.

    „Нека ги отворат бифеата во Собранието и во Владата, нека јадат студентите со 160 денари бифтек, како што јадат пратениците, па потоа нека зборуваат што може да се купи со 140 денари“, рече тој.

    Ходаи смета дека нема логика студентите да се приспособуваат на ограничениот износ, додека функционерите имаат бројни поволности.

    „160 денари за бифтек, а потоа сакаат да им кажуваат на студентите како и на што можат да ги трошат парите. Значи, не сме во иста линија. Некои луѓе немаат допир со реалноста“, кажа Ходаи.

    Ходаи од Форумот за образовни промени (ФОП) поднесе тужба до Управниот суд против МОН и министерката Весна Јаневска. Тужбата е поднесена во име на шестмина студенти поради неусогласување на износот на субвенционираниот студентски оброк со годишната стапка на инфлација и порастот на животните трошоци.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира