Висок функционер од американското разузнавање кажа дека Русија несомнено се вмешала во претседателските избори во САД минатата година, но не го употреби експлозивниот опис „воен напад“, велејќи им на сенаторите дека таквиот опис не во надлежност на американската разузнвачка заедница. Во заедничкиот извештај за кампањата за претседателските избори минатата есен на разузнавачката заедница се вели дека САД се убедени во странско мешање, вклучувајќи хакирање на електронската пошта на Демократите од страна на руската влада. Во својата проценка, разузнавачката заедница вели дека Москва се вмешала да му помогне на Трамп да победи.
„Според нашите проценки само највисоките руски функционери можеле да ја одобрат неодамнешната кражба и објавување на податоци во врска со претседателските избори“, истакнаа денеска во заедничко соопштението до американскиот Сенат, директорот на Националната разузнавачка агенција, Џејмс Клапер, потсекретарот на одделот на министерството за обрана на САД за разузнавачки прашања, Марсел Летр и адмиралот Мајкл Роџерс, директор на Националната безбедносна агенција (НСА), јавуваат светските агенции.
Тие предупредиле дека Русија претставува најголема закана за широк спектар од американските интереси, поради својата „високо унапредена офанзивна сајбер-програма“ и софистицираните капацитети.
„Русија е голем актер во областа на кибернетиката кој претставува главна закана за американската влада, војска, како и за дипломатската и економската инфраструктура“, навеле највисоките претставници на разузнавањето на САД.
Шефот на Националната разузнавачка агенција, Џејмс Клапер исто така додал дека со објавувањето на доверливите информации, основачот на „Викиликс“, Џулијан Асанж директно ги загрозил животите на граѓаните на САД.