Зелената дигитализација e во фокус на проектот „Го грин (Go green) -компјутерската моќ станува зелена“ на Бирото за регионален развој, со кој, како што вели директорот, Рамиз Реџепи, ќе се отворат нови работни места во земјава. Проектот значи дека треба да се намалат потрошувачката и загубите на енергија во процесот на дигитализацијата на општеството. Ова е прв проект на Бирото финансиран од ЕУ.
Бирото финансира четири сегменти – проекти за развој на плански региони, урбани средини, развој на села, и развој на подрачја со специфични развојни потреби. Притоа, 55% од поддршката одат за плански региони, и по 15% за трите останати сегменти.
„Следи трансформација на Бирото во Агенција, за што е формирана работна група од Министерството за локална самоуправа, финансиски поддржана од УСАИД. Изработена е физибилити студија со три предлози за трансформацијата, која е потребна за да ги исполниме условите за искористување на средствата од ЕУ за регионален развој. Односно Агенција ќе биде акредитирана институција и ќе овозможи пристап до нови средства од ЕУ. Претстои подготовка на законско решение за трансформација и после се оди кон акредитација на таа агенција“, рече Реџепи.
Според професорот Ристо Иванов, целта на проектот е потребата да се најде решение затоа што со напредокот на дигитализацијата се јавува и феномен – дигитална инфраструктура, податоци, трошат енергија и доведуваат до појава и за губи на енергија.
„Предвидувања за 4-5 години се дека растот на дигиталните технологии ќе биде меѓу 5 и 9%. Се создава температура која влијае на емисијата на гасови. Овие појави ја актуелизираат зелената дигитализација, односно како да се преземе одговорност. Направивме анализа и за Македонија според која избравме три области каде ќе се одрази – градежен, земјоделство и јавен сектор со фокус на отпадот. Во овие сектори се предвидени огромни инвестиции во дигитализација и секој сектор треба да преземе обврска за зелениот аспект. Направивме директни контакти со институции кои имаат големи центри на податоци. Во јавен сектор не е почнат, но во приватниот сектор почнува да се користат обновливи извори на енергија. Потоа, топлината од создавање податоци може да се искористи повеќе пати, но кај нас има потреба од промена на законска регулатива да се реши овој аспект“, вели професорот Иванов. Според него овие процеси ќе отворат и нови работни места и зелен развој.
Игор Мишевски, консултант на проектот го објасни Барометар, односно модел за проценка на подготвеност на институции во која мера може да се дигитализираат, како една од активностите на проектот.
„Во ЕУ има две движења во однос на искористување на два типа технологии и можности (заштита на животна средина и искористување на дигитализацијата). Проектот преку анализите и барометарот дава смерница кои може да се користат во идни проекти и процеси. Сите информации да се стават за подобро искористување на идни фондови за зелена дигитална трансформација. Прв е јавниот сектор и ЕУ фондовите може да овозможат шанса за развој, но тука се и земјоделството (дигитална трансформација и зазеленување на бизниси) и градежниот сектор (енергетска ефикасност, обновливи извори на енергија за загревање, искористување паметни технологии). Тука се и други сектори – информатички сектор кој се преклопува низ целата дигитализација и другите сектори кои може да доживеат зелена трансформација“, вели Мишевски.
Б. НЕСТОРОСКА