Премиерот Димитар Ковачевски вели дека со измените на Кривичниот законик се конкретизираат кривичните дела и се овозможува поголема ефикасност и ефективност на судските постапки. Според него, сите случаи досега се воделе под еден општ член, конкретно членот 353 за Злоупотреба на службената положба и овластувањата, а сега се конкретизира што точно лицето направило.
Законските измени вчера ги потпиша претседателот Стево Пендаровски и Ковачевски се повикува на него како правен експерт.
„Ако имало амнестија денеска веројатно некој ќе биде амнестиран, бидејќи законот е веќе потпишан од претседателот на државата. Прво, ова не значи никакво помилување и не значи никаква амнестија за никого, тоа го кажа и претседателот на државата Пендаровски кој е правник, професор по правни науки. Јас сум професор по економски науки и ако го прочитате законот тогаш ќе видите дека нема никакво помилување и никаква амнестија за никого, туку напротив, има конкретизација на кривичните дела кои некој ги направил. Некој сака да претстави дека со овие измени немало да се казнуваат дела што се однесуваат на јавни набавки, а има конкретно кривично дело во Кривичниот закон – казнивост за злоупотреба при организирање на јавни набавки. Што се правеше во минатото? Сите случаи се водеа под еден општ член – Злоупотреба на службена положба. Сега се конкретизира што точно лицето направило. Кај нас се случуваше во минатото да имате еден случај со 10 обвинети по исти член и потоа 10 години некој им докажува кој што направил“, кажа Ковачевски на одбележувањето на Денот на независноста – 8 Септември.
За членот 353, каде што со измените има намалување на предвидените затворски казни, Ковачевски рече дека таков член нема во германското законодавство, а нема ниту во Словенија, кои се членки на ЕУ.