СТРУШКИОТ СУД СЕ ИЗЈАСНИ НЕНАДЛЕЖЕН ЗА ДИВАТА ДЕПОНИЈА, МЛАДИТЕ ПРАВНИЦИ НАЈАВИЈА ТУЖБА ДО СТРАЗБУР

    СТРУШКИОТ СУД СЕ ИЗЈАСНИ НЕНАДЛЕЖЕН ЗА ДИВАТА ДЕПОНИЈА, МЛАДИТЕ ПРАВНИЦИ НАЈАВИЈА ТУЖБА ДО СТРАЗБУРДепонија како дивата струшка депонија не треба да постои никаде на територија на државата, а уште помалку во заштитено подрачје на УНЕСКО. (Фото: СДК.МК)

    Основниот суд Струга се изјасни надлежен да одлучува по однос на дивата струшка депонија, поради немање на стварна судска надлежност.

    По две години откако започна судскиот процес кој се одвиваше со бројни одлагања и одржани седум рочишта струшкиот суд ја отфрли првата граѓанска тужба во земјава поднесена од Македонското здружението на млади правници (МЗМП) за дивата депонија во Струга.

    Според адвокатите обврска на судот е уреденоста на тужбата да ја оценува во фаза на претходно испитување, пред почетокот на судскиот процес.

    „Тоа е во моментот кога тужбата ќе стигне кај судијата да решава по неа пред да поднесе одговор за одговор на тужба кај тужените. Во конкретниот случај ние имаме таква одлука донесена по две години и седум одржани рочишта што е апсолутно недозволиво однесување“, вели адвокатот Глигорие Ќатоски.

    Од Здружението на млади правници велат дека ваквото сценарио е очекувано но не се откажуваат. Поднесена е жалба до Апелација, но доколку и таму нема позитивен одговор најавија тужба и до Стразбур.

    „Ние не се обесхрабруваме продолжуваме со борбата, правото на жалба го искористивме на оваа пресуда. Дадовме наши аргументи дадовме пракса на самиот Апелационен суд Битола кој што решава по вакви прашања. Спремни сме да поведеме соодветна постапка и пред Европскиот суд за човекови права“, додава Ќатоски.

    Според него депонија како дивата струшка депонија не треба да постои никаде на територија на државата, а уште помалку во заштитено подрачје на УНЕСКО.

    На годишно ниво во Општина Струга се одлага околу 40.000 тони отпад кој завршува на депонијата која е оддалечена само еден километар од градот, а институциите го игнорираат проблемот повеќе од 15 години.

    Вештачењето покажа дека дивата депонија ја загадува почвата, реката Црн Дрим и Охридското езеро со што предизвикува штетни последици врз здравјето на луѓето.

    Тужените, Министерството за животна средина и просторно планирање, Општина Струга и Јавното претпријатие Комунално-Струга, побараа судот да се изјасни како ненадлежен за овој судски процес.

    С. ВРЕНЦОВСКА

     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира