Со сослушување на тројца сведоци и во присуство на родители на загинатите деца во катастрофалниот пожар во дискотеката „Пулс“ во Кочани на 16 март 2025 година, продолжи судењето против 13-темина полицајци и нивни надредени.
Сведокот на Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција (ОЈОГОКК) Николче Ефремов, полнолетен, прва година на факултет, е преживеано дете од ужасот во Кочани таа ноќ.
„На 16.03 бев на кафе со другарите. Отидовме на забава во дискотеката ‘Пулс’. Бевме само ние тројца, застанавме на маса до бината. Нарачавме, отидоа другариве до тоалет, останав сам. Еден од пејачите кажа на микрофон дека изби пожар. Ги зедов дуксерите на другариве, ги ставив на глава, но не можеше да се излезе, имаше многу луѓе на врата. Одеднаш нешто пукна и стана многу жешко. Сите испаничија, се туркаа еден врз друг. Секој со секого се влечеше, не можевме да излеземе надвор. Ми падна ѕид на главата. Се ослободив. Врз мене имаше луѓе. Ја испружив раката, некој ме извлече. Излегов надвор со другар ми, го префрлив до болница оти му беше повредена ногата. Се вратив назад. На вратата имаше многу народ по земја. Не знаев што да правам. Беа дојдени пожарникари. Јас и другар ми Бојан Гигов влеговме внатре во вецето. Таму беше другарот Давид Костов, затрупан со луѓе. Едвај дишеше. Имаше полицаец таму, го прашав дали може да ми помогне? Ми кажа тоа не е негова работа”, сведочеше детето со огорченост.
Рече дека имало деца што ги качувале потоа во коли, свесни и несвесни, ги носеле во болница.
На прашање, сведокот кажа и дека пред пожарот видел полицаец во цивилно, разбрал дека вршеле контрола во „Пулс”, односно рација за дрога за време на концертот.
Да ја изгаселе навреме пиротехниката овие обвинети, според обвинението, 63-те деца ќе беа живи и повредените над 200 луѓе ќе беа здрави.
Николче кажа дека покрај полицаецот во униформа што одбил да му помогне во спасувањето настрадани, имало и други полицајци надвор.
Во оваа трета и најголема група обвинети полициски службени лица се: Дејан Салтировски, Ванчо Георгиевски, Марија Маневска, Томо Донев, Драган Петрушев, Кире Богатинов, Стојанче Филипов, Благица Митева, Кристина Николова, Мазлу Рамаданов, Дарко Милошевски, Мартин Арсовски и Марјан Радевски.
Тие се товарат дека од 14.03.2025 година до 16.03.2025 година, на територијата на СВР Штип, како службени лица сториле кривично дело “Тешки дела против општата сигурност”.
Според обвинението, тие како соизвршители, не постапиле според прописите за мерките за заштита – одобриле План за акциска контрола на угостителски објекти на подрачјето на ПС Кочани, без да проверат дали планот ги има опфатено сите проверки во надлежност на МВР и дали се запазени одредбите од Стандардните оперативни процедури за проценка и управување со ризик при вршење на полициски работи. По овој план, кој бил изготвен врз основа на претходно изготвени планови, без било какви измени, било постапено, и на 16.03.2025 година на место каде што биле собрани поголем број на луѓе – кабаре „Пулс”, не преземале мерки да спречат активирање на пиротехничка опрема на сцената каде настапувала музичката група „ДНК” во моментот кога ја вршеле контролата, чие палење не било пријавено во полициската станица Кочани, а од која пиротехника како последица настанал пожар во дискотеката, со што не преземале мерки за заштита за присутните лица во дискотеката, каде поради несоодветните услови за работа во текот на акциската контрола настанал пожар, и со тоа предизвикале настапување на смрт на 63 лица, а над 200 лица се здобиле со потешки и полесни телесни повреди и телесни повреди.
Обвинението го застапува Спасенка Андонова од ОЈОГОКК.
С. К. ДЕЛЕВСКА



