Повеќе од дваесет години, Марјан Христов-Смоларски од струмичкото Ново Село собира предмети, книги, документи и фотографии, а неговото необично хоби денес прерасна во огромна приватна архива која, според него, брои околу пет милиони предмети.
Она што за некого е стара касета, пожолтена фотографија, писмо, значка или предмет кој одамна го изгубил своето место во домот, за Христов-Смоларски е мало парче историја кое вреди да се зачува. Роден на 12 октомври 1987 во Ново Село, денес живее во Смолари, кое со гордост го нарекува „најубавото село на светот“. Неговата колекционерска приказна почнала уште кога бил дете, со плочи и касети кои ги чувал во една соба.
„Со собирање предмети и книги започнав уште како дете, некаде во 2000 или 2001. Собирав плочи, аудио и видеокасети и разни други ретро предмети и ги редев во една соба. Така, ден по ден, година по година, растеше бројката, за денес мојата колекција, архива и збирка да брои некаде околу пет милиони предмети“, ни рече Христов-Смоларски.
Неговата збирка денес е своевидно патување низ еден век. Во неа се наоѓаат предмети што се користеле на овие простори од 1900 до 2000 годин, од техника и предмети од секојдневниот живот до документи, фотографии и други сведоштва за времето во кое живееле претходните генерации.
„Збирката се состои од предмети кои се користеле на нашите простори од 1900 до 2000. Имам аудиоопрема, телевизори, домаќински предмети, монети, банкноти, значки, ордени, сувенири, како и голем број филателистички материјали“, вели тој.
Посебно место во архивата имаат фотографиите од 20. век. Некои потекнуваат од стари приватни албуми, а други сведочат за животот и работата на познати личности од политиката, спортот, културата и уметноста.
„Имам фотографии од 20. век, како од приватни албуми, така и од јавни личности, функционери, политичари, спортисти, културни работници, уметници и слично. Сакам да се пофалам и со портрети рачно цртани од карикатуристот Ѓуро Варга. Имам некаде околу 100 портрети на истакнати македонски личности од 20. век“, вели Христов-Смоларски.
Во колекцијата има и голема количина хартиена архива – хартиени предмети, документи, писма и други материјали.
До ваква колекција не се стигнува само со случајно пронајдени предмети. Христов-Смоларски со години трага по нив, а неговата потрага одамна ги надминала границите на Македонија.
„Предметите и материјалите ги собирам низ цела поранешна Југославија, како и по сите градови низ Македонија. Одам на пазари за стари работи, а ги барам и на фејсбук страници за стари предмети“, вели тој.
Со растењето на колекцијата се појавил и проблемот каде да се сместат милионите предмети. Само дел од нив во моментов можат да се видат изложени.
„Моментално збирката е поставена и изложена во една соба од мојата куќа, а остатокот е во кутии, сместени во четири простории“, вели колекционерот.
Неговата желба е тие предмети еден ден да излезат од кутиите и да станат достапни за јавноста. Затоа веќе размислува и работи на својата најголема идеја, сопствен музеј.
„Во план ми е да изградам музеј, каде што ќе можат да бидат изложени сите предмети и да бидат достапни за јавноста“, вели тој.
Иако огромната архива бара многу време, собирањето стари предмети е само еден дел од неговото секојдневие. Христов работи во градежништвото, а слободното време го дели меѓу подготовките за музејот, спортот, пишувањето и истражувањето на родниот крај.
„Моментално работам во градежништвото, а во слободното време работам на подготовките за изградба на музеј. Се занимавам со фудбал, пишувам поезија, имам издадено три книги, а работам на уште неколку“, вели тој.

Предмети од смоларци, кои учествувале во борбите за ослободувањето на Македонија од турско ропство (Фото: Приватна архива)
Покрај собирањето предмети, го интересира и минатото на местото во кое живее.
„Истражувам за родниот крај низ времето. Исто така, учествувам во екоакции низ нашата општина и сакам секогаш да бидам корисен за општеството“, додава Христов-Смоларски.
Од една детска соба со плочи, аудио и видеокасети, денес колекцијата на струмичанецот порасна до четири простории со кутии и архива од околу пет милиони предмети. Христов-Смоларски се надева дека ќе му се оствари најголемата желба, да отвори музеј достапен за јавноста.
М. ЏАРОВСКА




