Се стравува дека илјадници луѓе се мртви откако моќна бура ја погоди Либија и доведе до уништувачки поплави. Источнолибиската влада, која не е меѓународно призната, кажа дека бројот на загинати е поголем од 2.000, а уште илјадници се водат како исчезнати.
Бурата Даниел удри во Либија во неделата, откако претходно предизвика катастрофални поплави во делови од Грција, Бугарија и Турција, каде што загинаа повеќе од 20 луѓе. Властите прогласија вонредна состојба во Либија. Меѓу исчезнатите се и седуммина либиски војници кои учествувале во спасувањето.
Критично е во пристанишниот град Дерна, кој има околу 100.000 жители, каде што пукнале две брани, потопувајќи дел од областа.
„Илјадници луѓе се водат како исчезнати, а бројот на загинати надмина 2.000. Цели населби во Дерна ги снема, заедно со нивните жители, кои се однесени од водата. Ситуацијата е катастрофална“, изјави премиерот на владата во Бенгази, Осама Хамад.
Покрај области на истокот, погоден е и западниот град Мисрата. Поради бурата, затворени се четири големи нафтени пристаништа.
Централна Грција претрпе големи уништувања во налетот на бурата Даниел, при што загинаа 15 луѓе.