РЕКАТА ДОШНИЦА НЕ ЈА ДАВАМЕ! – ЕКО-АКТИВИСТИ УТРЕ ЌЕ ПРОТЕСТИРААТ НА КОЖУФ ПРОТИВ ИЗГРАДБА НА МАЛИ ХИДРОЦЕНТРАЛИ

    РЕКАТА ДОШНИЦА НЕ ЈА ДАВАМЕ! – ЕКО-АКТИВИСТИ УТРЕ ЌЕ ПРОТЕСТИРААТ НА КОЖУФ ПРОТИВ ИЗГРАДБА НА МАЛИ ХИДРОЦЕНТРАЛИДел од активистите веќе цела недела се на Кожуф за да ја спречат механизацијата да работи на терен (Фото: СДК.МК)

    Граѓани и еко-активисти од Гевгелија, Кавадарци и Неготино утре напладне ќе организират протест на Смрдлива Вода на планината Кожуф против обидот за изградба на две минихидроцентрали на реката Дошница. Според нив, со нивна евентуална изградба ќе се наруши биодиверзитетот на Кожуф.

    Протестот го организира здружението „Чејнџмејкер“ од Гевгелија, од каде што најавија дека немаат намера да ја дадат Дошница за нечии бизнис интереси.

    „Малите хидроцентрали произведуваат електрична енергија во процент што е занемарлив. Профит од нив ќе има само тој што ги прави, а штета ќе имаат сите, почнувајки од фактот дека природните ресурси и богатства се уништуваат неповратно. Со ставањето на реката во цевки во должина од неколку стотици метри ќе исчезнат сите растителни и животински видови, ќе се сече и шума и ќе се уништи пејзажот“, објавија „Чејнџмејкер“, додавајќи дека ќе има организиран автобуски превоз за жителите од Кавадарци и Неготивно кои сакаат да бидат дел од протестот.

    Дел од активистите од ова здружение веќе цела недела се на Кожуф за да спречат дел од механизацијата да работи на терен. Таму поставија и шатор за спиење и дежураат.

    Активистот Ангел Наков од Гевгелија вели дека народот не е доволно информиран за изградбата на минихидроцентралите на Дошница. Единствено што досега имаат информација е дека Советот на Општина Кавадарци дал позитивно мислење.

    „Какви хидроцентрали ќе се градат на Кожуф знаат само инвеститорот и оние кои дале дозволи, ако ги дале. Во јавноста нема никаков податок освен дека во 2020 Советот на Општина Кавадарци едногласно дал позитивно мислење за изградба на две минихидроцентрали во областите Баров Дол и Папради. Друго што знаеме е дека се качија и машини горе за подготовка на теренот“, вели Наков, кој смета дека Дошница нема голем воден капацитет за хидроцентрали и се чуди по чија експертиза за протокот на реката е дадена дозвола.

    Премиерот Димитар Ковачевски завчера во Гевгелија кажа дека дозволите за изградба на хидроцентрали биле издадени пред речиси седум години и дека раскинувањето ќе значи плаќање казни, но најави дека ќе го слушне гласот на народот.

    „Пред шест или седум години, согласно законската регулатива, инвеститорите добиле дозвола да градат хидроцентрали. Министерката за екологија го има информирано населението дека раскинување на договорот значи плаќање пенали и обесштетување. Но, еве, ние сме демократска влада, која секогаш ги сослушува граѓаните во однос на проблемите и согласно со тоа ќе се носат одлуките“, кажа Ковачевски.

    В. ТРАЈКОВ

     

     

     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира