Собранието денеска ги изгласа измените на Законот за данокот на додадена вредност кој предвидува намалување на стапката од 18% на 5% за прометот со менструални производи. Со намалувањето на данокот на додадена вредност од 18 на 5 отсто на производите за менструација ќе се намали продажната цена.
Станува збор за измени кои премиерот Димитар Ковачевски ги најави уште на 1 декември 2022, кога кажа дека средствата за менструална хигиена (влошки, тампони, чашичка и слични производи), ќе имаат повластена даночна стапка од 5 проценти.
Владата соопшти дека денеска се усвоени измени на Законот за данок на добивка и Законот за данок на додадена вредноси, како и Законот за данокот за солидарност, кој е насочен кон справување со последиците од енергетската и ценовната криза и средствата од него ќе бидат искористени за антикризни мерки.
„Даночната реформа е дел од сеопфатната реформа во јавните финансии кон која пристапивме уште пред повеќе од две години, а во текот на минатата година имавме интензивен инклузивен процес со сите засегнати страни, за да ги дефинираме предлозите, кои ќе придонесат за поголема праведност и правичност во оданочувањето. Таа се темели на Стратегијата за даночна реформа 2021-2025 година, која Владата ја усвои на крајот од 2020 година, како дел од Програмата на Владата. Целта беше да се обезбеди праведен, ефикасен, транспарентен и современ даночен систем кој ќе се темели на современи дигитални технологии и иновации во оданочувањето и ќе биде во функција на забрзан, инклузивен и одржлив економски раст“, рече министерот за финансии Фатмир Бесими, додавајќи дека поддршка за реформата има од ЕУ и меѓународните финансиски институции.
Изминативе години, неколку невладини организации и здруженија постојано истражуваа и апелираа до институциите дека е потребно целосно ослободување или намалување на ДДВ за овие производи. Тие, исто така, апелираат дека на товар на државниот буџет треба да има бесплатни производи за ученичките во основните и средни училишта, а да бидат достапни и во јавните тоалети низ земјава.
Жената во Македонија во текот на својот живот троши осум месечни плати само за трошоци поврзани со менструални производи и лекарства за менструална болка, покажаа резултатите од студијата за пристапот до менструална хигиена во Македонија насловена „Менструална правда: проценка на состојбите со менструалната сиромаштија и препораки за унапредување на политиките“, објавена во 2021.
Уште во 2019, истражувањето на здружението Новинари за човекови права и Институтот за јавно здравје покажа дека 15 отсто од девојчињата во Македонија користат весници наместо хигиенски влошки за време на менструалниот циклус, поради високата цена на средствата за лична хигиена. Истражувањето било направено во 2018 во април и мај, во Скопје, Велес и Куманово, со 800 испитаници, на возраст од 14-45 години.
Во 2021 во буџетот за 2022 Советот на Град Скопје предвиде 32.000 евра со кои средношколките во училиштата во Скопје под надлежност на Градот ќе добиваат бесплатни менструални производи.
Б. НЕСТОРОСКА