Новата цена на парното греење во Скопје ќе се определи откако ќе се санира мостот „Беласица“ и ќе се постават нови цевки. Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ) дотогаш нема да прави пресметки бидејќи тоа што во моментов нема цевка, би ги зголемило трошоците за пренос на топлинска енергија и цената би била повисока.
Претседателот на Регулаторната комисија Марко Бислимоски вели дека нема да се дозволи граѓаните да плаќаат повисока цена заради тоа што институциите не си ја завршиле работата и сѐ додека не се стави цевка ќе важи ланската цена за парното греење.
„Оваа грејна сезона се надевам дека ќе помине добро. Единствен проблем којшто се јавува сега од аспект на трошоци е што треба да се постави цевководот кој изгоре во пожарот на мостот Беласица. Додека не видиме дека таму се почнати активности за поставување на нови цевки, ние како Регулаторна комисија за енергетика нема да донесеме одлука бидејќи тој цевковод ни е многу важен. Од тој цевковод ќе може поголеми количини на топлинска енергија да дојдат во западниот дел на Скопје. ‘Те-То’ ни е важен бидејќи 60 отсто од топлинската енергија ја обезбедуваме од ‘Те-То’, а 40 од топланите во Скопје. И затоа додека не видиме дека се почнати активности, нема да донесеме одлука, кој сака нека трпи загуби, тоа е нивни проблем“, вели Бислимоски и верува дека до 15 октомври кога е почетокот на грајната сезона, Град Скопје и ЕСМ ќе ги реализираат своите обврски на мостот „Беласица“.
Бислимоски вели дека за цената на парното во Скопје многу важен е „Те-То“ бидејќи цената на произведена топлинска енергија во 2022 година од „Те-То“ е за три пати пониска од цената на останатите топлани во Скопје.
Годинава кога ќе се носи одлуката за ценатата на парното во Скопје ќе се одреди една цена за сите корисници односно исто ќе плаќаат и оние кои се приклучени на таканареченото железарско парно и оние на Топлификација Север.
Во Скопје на системот за парно греење се приклучени 63.000 домаќинства. Од нив најмногу 58.000 се на системот на ЕСМ или поранешен БЕГ, 1.900 на железарското парно и 400 домаќинства на Топлификација Север.
А. АНТЕВСКА