НАГОРНО-КАРАБАХ ЌЕ ПРЕСТАНЕ ДА ПОСТОИ КАКО НЕЗАВИСНА ЕРМЕНСКА ЕНКЛАВА НА 1 ЈАНУАРИ

    НАГОРНО-КАРАБАХ ЌЕ ПРЕСТАНЕ ДА ПОСТОИ КАКО НЕЗАВИСНА ЕРМЕНСКА ЕНКЛАВА НА 1 ЈАНУАРИНад 63.000 етнички Ерменци веќе ја напуштиле енклавата во страв од прогон (Фото: АП)

    Лидерот на ерменската самопрогласена Република Нагорно-Карабах, Самвел Шахрамањан, изјави дека таа ќе престане да постои на 1 јануари. Тој денеска објави дека потпишал наредба за распуштање на сите нејзини државни институции.

    Ова следува откако Азербејџан минатата недела ја поврати контролата врз регионот кој три децении функционираше како независна ерменска енклава. Официјални лица кажаа дека над 63.000 етнички Ерменци веќе ја напуштиле енклавата во страв од прогон.

    „Одлуката за распуштање на државата беше заснована врз приоритетот да се осигураат физичката безбедност и виталните интереси на луѓето“, изјави Шахрамањан.

    Тој ги охрабри луѓето од Нагорно-Карабах да се запознаат со условите за реинтеграција во Азербејџан, за што веќе почнаа разговори.

    Ерменскиот премиер Никол Пашињан изјави дека очекува во следните денови сите 120.000 Ерменци да го напуштат Нагорно-Карабах, додавајќи дека во тек е етничко чистење. Тој ја повика меѓународната заедница да реагира по тоа прашање. Ерменските власти се категорични дека можат да се справат со зголемениот број луѓе кои доаѓаат од Нагорно -Карабах, додавајќи дека е нивна должност да им помогнат на тамошните ерменски браќа и сестри.

    Овој регион беше меѓународно признат како дел од Азербејџан, иако од распадот на Советскиот Сојуз беше под контрола на Ерменија. Тоа заврши минатата недела, кога локалните ерменски борци се предадоа по брзата, 24-часовна офанзива на азербејџанските сили.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира