СО 5 ПРЕСУДИ ВО НАША КОРИСТ НЕ МОЖЕМЕ ДА СИ ГО ВРАТИМЕ ИМОТОТ НА КОЈ ЛОКАЛЕН МОЌНИК ПРАВИ МИЛИОНИ, ВЕЛАТ ПЕШТАНЦИ КОИ СИ ГО БАРААТ НАЗАД НАЦИОНАЛИЗИРАНОТО ЗЕМЈИШТЕ ВО ГРАДИШТЕ

    СО 5 ПРЕСУДИ ВО НАША КОРИСТ НЕ МОЖЕМЕ ДА СИ ГО ВРАТИМЕ ИМОТОТ НА КОЈ ЛОКАЛЕН МОЌНИК ПРАВИ МИЛИОНИ, ВЕЛАТ ПЕШТАНЦИ КОИ СИ ГО БАРААТ НАЗАД НАЦИОНАЛИЗИРАНОТО ЗЕМЈИШТЕ ВО ГРАДИШТЕКомисијата за денационализација утврдила дека земјиштето не може да се врати зашто е исполнет јавниот интерес за кој е одземено, изграден е автокамп, но барателите на имотот велат дека камп во приватна сопственост не е јавен интерес. - Автокампот Градиште (Фото: СДК.МК)

    Страшно е да имате 5 пресуди од Управен суд во ваша корист, а да не се спроведуваат на дело и притоа еден локален моќник да остварува милионски приходи, велат семејствата од охридското село Пештани кои 25 години водат битка да си ги добијат назад национализираните имоти во Градиште.

    Повеќе од 100 наследници од 36 семејства бараат да им биде вратен имотот од над 100 илјади метри квадратни на кој сега приватна фирма има изградено автокамп. Велат дека судската постапка е долга и тешка, но битката ќе ја водат до крај оти законот е на нивна страна.

    „Сите баратели имаат по 4-5 пресуди во нивна корист од Управен суд, тие се задолжителни и извршни, но за жал Комисијата за денационализација не ги спроведува и тоа е кривично дело. Неспроведување на било која судска пресуда е кривично дело. Цело време се вртиме во круг, Управниот суд носи пресуди во наша корист додека корумпираната Комисија за денационализација носи решенија што се спротивни и на пресудите и на Уставот и на законите во Република Македонија. Со оглед на тоа што зборуваме дека станува збор за предмет стар 25 години, најкорумпираниот сегмент во целиот случај е Комисијата за денационализација оти не ги спроведува одлуките на Управен суд и носи решенија спротивни и на пресудите и на законите и на Уставот“, велат наследниците на имотот во Градиште.

    Комисијата за денационализација пак утврдила дека земјиштето не може да се врати зашто е исполнет јавниот интерес за кој е одземено, изграден е автокамп.

    „Во Законот за денационализација има три услови кога не се враќа земјиштето, кога земјиштето е за потребите на Република Македонија, за безбедноста и одбраната на државата или доколку на земјиштето е изградена цврста градба како и доколку се прават инфраструктурни објекти од јавен интерес, аеродроми, железници и магистрални патишта. Во никој случај не станува збор за автокамп. Камп во приватна сопственост не е јавен интерес“, велат барателите на имот.

    Барателите на имотот одржаа неколку протести пред автокампот Градиште, а на еден од нив беше нападната Андријана Башоска и ѝ беше скршена раката. (Фото: СДК.МК)

    Комисијата им понудила обесштетување по цена од 275 денари за метар квадратен, но таа сума според нив е далеку помала од пазарната, па тие постојано ги обжалуваат ваквите решенија пред Управниот суд.

    „Тоа се имотите на кој е изграден стариот и новиот автокамп со површина од над 100 илјади метри квадратни. Се манипулира и со типот на земјиштето, доколку треба да обесштетат велат дека е земјоделско земјиште и вредноста е 200 денари по метар квадратен, но тој случај на такво земјиште не може да се постави автокамп или да се гради. Од друга страна велат дека е исполнет јавниот интерес, изграден е камп тогаш го третираат како градежно неизградено земјиште, а за тоа нема услови оти не е донесен Детален урбанистички план. Во Генералниот урбанистички план стојат само плажи. Ваква контрадикторност има во самото решение од Комисијата за денационализација“, вели Андријана, барател на имот.

    Според неа корупцијата има и кај инспекторите.

    „При увидот во списите од предметите видовме дека сите управни постапки се завршени а во последниот допис од една инспекторка стои дека се уште траат управните постапки. Тие се завршени во 2022 година. Тоа е класична измама, тоа е кривично дело. Тука мора да постои висок степен на корупција и затоа не се спроведуваат законите“, додава таа.

    Барајќи ја правдата, семејствата минатата година доставиле барање до Министерството за транспорт и врски и до Општина Охрид за увид во целокупната документација за регулирање на односите помеѓу државата и приватната фирма која стопанисува со кампот. Од Министерството добиле одговор дека Општината е надлежна, а оттаму пак ги известиле дека АД „Инекс Горица“ нема никакви документи за користење на тоа земјиште. Зачудени се и од тоа дека автокампот Градиште не постои во регистерот на кампови.

    „Автокампот Градиште го нема ниту во регистарот за автокампови. Во Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот постојат строго пропишани правила како треба да функционира еден автокамп и нормално треба да има законска дозвола и да биде впишан во регистарот. Во пресудите на Управниот суд стои дека АД ‘Инекс Горица’ има третман на узурпатор. АД ‘Инекс Горица’ нема официјален документ за користење и стопанисување на земјиштето“, велат Пештанци.

    Општинската градежна инспекција на терен констатирала состојба надвор од сите законски прописи и донела решение за отстранување на дел од бесправните објекти, платформи, настрешници, плочи од бекатон плочки, бетонски подлоги, дрвени и метални конструкции и времени објекти.

    „Поднесувавме пријави дека таму се гради за да излезат инспекциите на терен и да ја утврдат фактичката состојба. Во 2021 година во март започнува градежна инвазија во Градиште. Тогаш се градеа и модуларните болници низ државата. Се носеа модуларни куќарки, контејнери за домување кои се поставуваа на армирани бетонски подлоги. Вакви армирани бетонски подлоги не може да се поставуваат покрај езеро, тоа е најстрого забрането. Ни беше забрането да влегуваме таму, но почнаа во јавност да излегуваат фотографии“, раскажуваат барателите на имот и прашуваат зошто Општината нема поднесено ниту една кривична пријава за нелегално градење ниту пак има рушено некој дивоизграден објект.

    „Не ни е јасно зошто Општина Охрид не поднела кривични пријави за нелегално градење? Кривичните пријави ги поднесуваме ние приватно за нелегални градби во Градиште. Зошто Општина Охрид не отишла таму да ги сруши тие нелегални градби? Наводно немала средства за рушење“, велат Пештанци.

    Во 2008 година МПЦ успеа да си го врати својот дел од имотот во Градиште.

    С. ВРЕНЦОВСКА


    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира