ПРВПАТ СЕ ИСТРАЖУВАА ПЕШТЕРСКИТЕ ЦРКВИ ВО КЛИСУРАТА ПЕШТИ, НАД РЕКАТА БАБУНА, ФРЕСКИТЕ СЕ РЕЧИСИ УНИШТЕНИ

    ПРВПАТ СЕ ИСТРАЖУВАА ПЕШТЕРСКИТЕ ЦРКВИ ВО КЛИСУРАТА ПЕШТИ, НАД РЕКАТА БАБУНА, ФРЕСКИТЕ СЕ РЕЧИСИ УНИШТЕНИФреските во овие пештерски цркви се речиси уништени. (Фото: СДК.МК)

    Се истражуваа пештерските цркви во месноста Пешти, близу Велес. Ова се случува за првпат и целта беше да се најде начин како тие да се заштитат. Потекнуваат од 14. век, градени се во клисура, над реката Бабуна, во нејзиниот долен тек, на неколку стотини метри над водата, на тешко пристапен предел. Но, тоа што го стручњаците го виделе горе во карпите, каде своевремено имало цркви, е разочарувачки.

    „Жална е сликата кога ќе видите објект кој во минатото постоел, сега не. За конзерватор тоа е најтешко, да се соочите нешто што е документирано сега го нема, сме дозволиле да пропадне низ годините. Станува збор за исклучително вреден живопис од средината на 14. век. Исклучително сликарство, ретко убаво“, кажа Владо Мукоски конзерватор, кој заедно со Дарко Николовски историчар и Елица Николоска исто така историчар, работеле на истражувале на пештерските цркви.

    Црквите потекнуваат од 14. век, градени се во клисура, над реката Бабуна, на тешко пристапен предел. (Фото: СДК.МК)

    Пристапот до самото место е исклучително тежок, па тричлената екипата морала да користи чамец за да ја минат реката Бабуна, јажиња за искачување по карпите, за да стигнат до пештерските цркви. Тоа што таму го виделе било разочарувачко, црквата Маркова пештера била скоро уништена. Интервенирале на неколку локации, превентивно, за да не дојде до распаѓање на живописот. Земени биле материјали за хемиски анализи на малтерот.

    „Фреските, кои се скоро уништени, биле дело на исклучителен и вреден мајстор. Состојбата горе е очајна. Апсидалниот дел е срушен, исто така северниот и јужниот дел, останат е дел од цоклата, со мали фрагменти од првата зона. Имавме одредени интервенции за да се сочува тоа што останало“, додава Мукоски.

    За него, овој предел е голем туристички потенцијал, природен, црковен и дека со обнова на пештерските цркви, за што има на располагање средства од фондовите на ЕУ, може да се развие туризмот и местото да биде цел на посета на бројни гости. Вели дека локалитетот е македонската Кападокија. Пештерните цркви кај месноста Пешти, се како тие во Радожда, Калиште, Вишни.

    П. ПЕЧКОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира