ДЕЦАТА СО ПОПРЕЧЕНОСТ ОД КУМАНОВО ГИ ГУБАТ ПРАВАТА ЗАШТО НЕМА ТЕРМИНИ ЗА ПРЕГЛЕД, НАДЛЕЖНИТЕ СЕ ЖАЛАТ НА НЕЕКИПИРАНОСТ

ДЕЦАТА СО ПОПРЕЧЕНОСТ ОД КУМАНОВО ГИ ГУБАТ ПРАВАТА ЗАШТО НЕМА ТЕРМИНИ ЗА ПРЕГЛЕД, НАДЛЕЖНИТЕ СЕ ЖАЛАТ НА НЕЕКИПИРАНОСТМКФ комисијата во Куманово поради недоволно кадар работела еднаш до двапати неделно (Фото: СДК.МК)

Родителите на децата со попреченост од Куманово се жалат дека со месеци наназад не можат да добијат термин и да ги однесат децата на преглед во комисијата за Меѓународна класификација на функционирање, попреченост и здравје (МКФ), поради што се соочуваат со проблеми при остварување на правата кои им ги гарантира државата.

Мајка на седумгодишно дете со посебни потреби, кое има епилептични напади, блага форма на аутизам и целосно отсуство на говор, вели дека е на пат да ја изгуби паричната помош од Центарот за социјални работи во Куманово и не може да добие потврда за личен асистент затоа што комисијата не работи.

„Времето нѐ гази, од октомври ќе го изгубиме правото на посебен додаток за детето затоа што наодот, потврдата на комисијата е клучен за остварување на тоа право. Не можеме да посетуваме ни дефектолог или логопед во редовниот образовен процес без потврдата од МКФ, мораме приватно да плаќаме, што дополнително ни го оптоварува семејниот буџет. Имам медицинска дијагноза и документи од медицински установи од државата и од Белград, но оттаму дел се признаваат кај нас, дел не. Од центарот ‘Младост‘ во Скопје имам потврда дека на детето му треба асистент поради неговата состојба. Тоа право не можеме да го оствариме затоа што на преглед во МКФ чекаме од нова година наваму, иако неколкупати уредно се пријавуваме. Имам информации дека комисијата воопшто не работела во јули, август и септември, што само ја зголемува листата на чекање“, вели мајката од Куманово.

Од Центарот за социјални работи во Куманово потврдуваат дека се запознати со листата на чекање и со проблемите што настануваат поради задоцнети преглед и проценка.

„Корисниците можат да го изгубат правото на посебен додаток или одобрение за скратено работно време за мајката затоа што за остварување на овие права се неопходни наод и класификација од МКФ. Десетина наши корисници се ставени на приоритетна листа токму од овие причини и тоа е најмногу што можеме да направиме. Комисијата работи под надлежност на Министерството за здравство, а ние немаме меѓуресорни ингеренции“, истакна Александра Арсовска, директорката на Центарот во Куманово.

Надлежен за формирање и работа на комисиите на МКФ е Сојузот на специјални едукатори и рехабилитатори при Министерството за здравство. Тие признааваат дека имаат проблеми со недоволна екипираност, поради што има листа на чекање, но тврдат дека работат еднаш до двапати неделно.

„МКФ комисијата во Куманово функционира, но со кадровски проблеми, не е во комплетен состав. Некои членови доаѓаат од Скопје, па во зависност од потребите и можностите, во Куманово се работи еднаш до двапати неделно. Знам дека има голем интерес и потреба, но едноствано, толку можеме да стигнеме. Во преговори сме да се доекипираме, од овој месец ќе се интензивираат проценките и прегледите. Не би можел да кажам точен датум“, изјави Горан Петрушев, претседателот на Сојузот.

Во моментот активно работат двата центра во Скопје, центарот во Битола за Пелагонискиот Регион, во Гостивар за Полошкиот Регион и во Струмица за Југоисточниот Регион. Во постапка за доекипирање на стручните тела се центрите во Куманово, Велес и Охрид. Секоја МКФ комисија мора да има дефектолог, социолог, психолог и лекар. За децата во Куманово, комисијата работи во основното училиште „Вук Караџиќ“ и при денешната посета канцеларијата беше затворена.

С. НИКОЛИЌ

Симнете ја мобилната апликација

©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира