Зачудувачки е што во денешно време во државата сѐ уште се користи нож за конизација за остранување на предканцерозни промени на грлото на матката, вели д-р Лилјана Кочовска-Мареш, специјалист-гинеколог, претставник на Ротари клубот „Дјуршхолм“ од Шведска кој во Клиничката болница во Битола донираше современа опрема за минимално инвазивни третмани при гинеколошка интервенција врз грлото на матката.
„Нашата цел беше да се издигне на ниво на цела државата потребата да се престане со конизација со нож, а поликлинички да се третира жената. Користењето нож е поврзано со ризик од зголемено крварење, инфекција, жената лежи во болница сосема непотребно 2 до 3 дена. Со поликлиничката метода која е секаде прифатена, за 2 до 3 минути минимално го отсранувате ткивото за да не дојде до зголемен ризик од предвремени раѓања кои се со висок процент со оглед на тоа дека имате длабоки конизации“, рече Кочовска- Мареш.
Донацијата се состои од јамки за ЛЛЕТЗ, електроди за коагулација, биполарни ножички и биполарен инструмент за хируршки интервенции, абдоминални операции, како инструмент и апликатор за аргон плазма коагулација. Со јамки за ЛЛЕТЗ конизација, промените на грлото на матката се отстрануваат за неколку минути и пациентката може да си оди дома после 30 до 45 минути од интервенцијата. Ризикот од крварење во тек и после интервенцијата е минимален, како и ризикот за инфекции кај пациентката, за разлика од класичниот и застарен метод на хируршко отстранување.
„Една јамка би можела да се стерилизира за пет пациентки и тогаш би биле пресреќни ако 200 до 300 пациентки добијат бесплатна минимално инвазивна терапија на предканцерозни и канцерозни промени’’, рече Кочовска-Мареш.
Директорката на Клиничката болница Елизабета Ивановска рече дека со оваа донација Гинеколошко-акушерското одделение ќе ги следи светските трендови во навремено откривање на гинеколошките карциноми и нивно отстранување со минимално инвазивна технологија.
„Оваа интервенција ни дава максимална можност целосно да се зачува цервикалното ткиво и процесот на лекување да биде поефикасен во споредба со конвенционалниот метод на лекување како на пример цервикалната конизација со обичен хирушки скалпер. Цервикалниот карцином е еден од четирите водечки карциноми кај жените. Секоја година во нашата држава во просек имаме 150 жени кои се јавуваат како нови случаи на заболени. На глобално ниво 18,5 милиони жени годишно се борат со гинеколошки карцином, а речиси на секој 5 минути згаснува животот на една жена“, рече Ивановска.
Ж. ЗДРАВКОВСКА