Првата нацрт-верзија на Стратегијата за геолошки истражувања и одржливо искористување и експлоатација на минерални суровини 2025-2045 не ги обединува принципите за одржлив развој на земјата зашто ги истакнува економските придобивки на експлоатацијата и во голема мера не ги утврдува негативните еколошки и социо-економски влијанија поврзани со развојот на рударската индустрија, велат од Центарот за истражување и информирање за животна средина „Еко-свест“.
Оваа стратегија ја изработува Министерството за економија, во соработка со МАНУ, каде што се одржа втората работилница посветена на оваа тема, на која учествуваше и „Еко-свест“.
„Нацрт-верзијата се заснова на визија за одржливо искористување и заштита на животната средина, но во Стратегијата овие аспекти се маргинализирани. Нашиот став е дека токму овие аспекти треба посуштински да бидат опфатени во конкретните цели и активности на документот“, вели Симона Трајковска од „Еко-свест“.
Една од главните забелешки е недоволната усогласеност со глобалните цели за намалување на влијанијата на климатските промени. Дополнително, на Стратегијата во сегашната форма ѝ недостасува соодветна корелација со други постојни национални стратегии и закони, поврзани со еколошките и социо-економски влијанија од искористувањето на минералните суровини.
„Искористувањето минерални суровини е примарно економска активност, но може негативно да влијае на водите, почвата, воздухот, природата и јавното здравје. Слабата примена на законодавството од областа на животната средина резултира со неодржлива експлоатација на минералните суровини“, кажа Трајковска.
Од „Еко-свест“ истакнуваат дека Стратегијата мора да се насочи кон промоција на одржлив развој, со кој ќе се зачуваат природните вредности и ќе се намали сиромаштијата.
„Стратегијата во финалната форма мора да даде поголем фокус на националните приоритети во овој сектор и помалку да се надоврзува на потребите на ЕУ за снабдување со критични минерали“, дополни Елена Николовска од „Еко-свест“.