ИЗРАЕЛ ДВЕ ДЕЦЕНИИ ГО БРКА МИСТЕРИОЗНИОТ ВОЕН ЗАПОВЕДНИК НА ХАМАС, МОХАМЕД ДЕИФ, КОЈ ПРЕЖИВЕАЛ СЕДУМ ОБИДИ ЗА АТЕНТАТ

    ИЗРАЕЛ ДВЕ ДЕЦЕНИИ ГО БРКА МИСТЕРИОЗНИОТ ВОЕН ЗАПОВЕДНИК НА ХАМАС, МОХАМЕД ДЕИФ, КОЈ ПРЕЖИВЕАЛ СЕДУМ ОБИДИ ЗА АТЕНТАТМохамед Деиф во саботата првпат се огласи во јавност од мај 2021

    Откако во саботата во утринските часови илјадници ракети полетаа од појасот Газа кон Израел, мистериозниот лидер на военото крило на Хамас, Мохамед Деиф, преку видеопорака го означи почетокот на операцијата „Бурата Ал-Акса“, решително кажувајќи „Доста е“. Притоа ги повика Палестинците од источен Ерусалим до северен Израел да се придружат на борбата и револуцијата.

    Пораката на Деиф беше објавена на социјалните мрежи и тоа беше негово прво јавно огласување од мај 2021, кога го предупреди Израел дека ќе плати висока цена затоа што не ги исполнил барањата на Хамас во однос на Ерусалим.

    Мохамед Деиф е врховен заповедник на бригадите Изедин ал-Касам, што е воено крило на Хамас, кој управува со појасот Газа. Тој е еден од најбараните луѓе во Израел и досега преживеал најмалку седум обиди за атентат од израелските сили. Исто така го викаат „гостин“ поради номадскиот начин на живот и избегнувањето на појавувањето во јавност.

    Роден е во 1965 година во бегалскиот камп Кан Јунис во Газа кога територијата беше окупирана од Египет. На Хамас му се придружил кон крајот на 1980-ите и потоа бил вклучен во киднапирања и убиства на израелски војници. Деиф станал лидер на бригадите Касам во 2002 откако неговиот претходник Салах Шехаде беше убиен во израелски воздушен напад.

    Деиф живее во сенка во последните две децении и се верува дека е парализиран како последица на сериозни повреди од бројните израелски напади. Последниот обид за атентат го преживеал во 2014, кога, според Хамас, загинале неговите сопруга и мало дете.

    Деиф важи за вешт заповедник и мозок на воената стратегија на Хамас. САД го прогласија за терорист во 2009, опишувајќи го како клучна личност на военото крило на Хамас одговорна за бројни терористички напади против израелските цивили.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира