Од утре (12 октомври) во скопското кино Синеплекс, ќе почне да игра македонскиот филм „Домаќинство за почетници“ во режија и по сценарио на Горан Столевски, кој е македонски кандидат за Оскар за најдобар долгометражен интернационален филм и е еден од селектираните филмови за Европските филмски награди. Од продукцијата, „Лист продукција“ најавуваат дека наскоро се очекуваат проекции и низ другите градови во Македонија.
Светската премиера на „Домаќинство за почетници“ беше на 80. Венециски филсмки фестивал, каде ја доби Квир лав наградата.
„Домаќинство за почетници“, кој премиерно во Македонија беше прикажан на отворањето на годинашниот Интернационален фестивал на филмска камера, „Браќа Манаки“, доби и номинација за Европската универзитетска филмска награда, која е една од категориите на Европските филмски награди за која гласа жири составено од студенти од 25 универзитети од 25 земји во Европа. Свеченото доделување на наградите, познати како европски Оскари, е закажано за 9 декември 2023 во Берлин.
Филмот е финансиски поддржан од Агенцијата за филм, а преку компанијата „Фокус фичерс“ ќе биде дистрибуриран на територијата на САД. Меѓународен дистрибутер на филмот за останатите територии е студиото „Универзал пикчерс“, а продажните агенти „Њу Јуроп филм сејлс“ ќе го застапуваат филмот на територија на југоисточна Европа.
„Домаќинство за почетници“ неодамна беше прикажан на фестивал во Бусан, Јужна Кореја, а имаше и две проекции на Лондон филм фестивал.
Главните улоги ги играат: Анамариа Маринка (позната по филмот „4 месеци 3 недели 2 дена” на Кристиан Мунгиу) и Алина Сербан од Романија, Самсон Селим, Миа Мустафа и Џада Селим од Македонија и Владимир Тинтор од Хрватска. Воспоредните улоги играат македонските актерки Сара Климоска и Ајше Усеини и Розафа Челај од Косово.
Продуцент на филмот е Марија Димитрова, кинематографер е Наум Доксевски, а остатокот од филмската екипа ја сочинуваат Ана Жежничек – сценограф, Роза Трајческа-Ристовска – костимограф, Александара Чевреска – арт директор, Горан Игњатовски и Леонора Мехмети Хоџа – маскери, Ален Синкауз и Ненад Синкауз –композитори, Зоран Максимовиќ – снимател на звук и Ема Бортињон – дизајнер на звук.
Б. НЕСТОРОСКА