Израел вели дека една од целите на неговите напади на Газа е уништувањето на тајниот лавиринт тунели, изградени од милитантите под земја.
„Откако ја презеде контролата во Газа пред речиси 20 години, Хамас изгради мрежа од тунели кои се протегаат од градот Газа до Кан Јунис и Рафа. Појасот Газа има два слоја, еден за цивилите на површината и друг подземен за Хамас. Нашата цел е да стигнеме до тој втор слој. Тоа не се бункери до кои цивилите имаат пристап кога Израел напаѓа, тие се за Хамас, за да можат неговите терористи да продолжат да лансираат ракети на Израел и да планираат операции“, изјави портпаролот на војската Џонатан Конрикус.
Тешко е да се процени големината на оваа мрежа што Израел ја нарекува „Газа метро“ зашто се верува дека се протега под територијата која е долга 41 километар и широка само десет километри.
По конфликтот во 2021, Израелските одбранбени сили кажаа дека уништиле 100 километри тунели во воздушните напади. Хамас, пак, тврдеше дека неговите тунели се долги 500 километри и дека тогаш биле погодени само 5% од нив. Колку за споредба, лондонското метро е долго 400 километри и најголем дел е на површината.
Изградбата на тунелите во Газа почнала во 2005 откако оттаму се повлекоа израелските војници и доселеници. Тоа се засилило откако Хамас ја презеде власта во појасот две години подоцна, поради што Израел и Египет го ограничија движењето на луѓето и добрата од безбедносни причини.
Се проценува дека во еден момент имало речиси 2.500 тунели под египетската граница, што Хамас и другите милитантни групи ги користеле за криумчарење комерцијални производи, гориво и оружје. Египет подоцна го запре криумчарењето, потопувајќи ги тунелите или уништувајќи ги со експлозив.
Хамас и другите фракции копале тунели и за напади на израелските сили.
„Прекуграничните тунели се рудиментирани, што значи дека едвај имаат некакво утврдување. Тие се ископани за еднократна цел, за инвазија на израелска територија. Тунелите во Газа се поинакви, бидејќи Хамас редовно ги користи. Веројатно се поудобни за да може да се остане во нив подолги временски периоди. Тие дефинитивно се опремени за подолго, одржливо присуство. Лидерите се кријат таму, имаат командно-контролни центри, ги користат за транспорт и линии за комуникација. Тие се опремени со електрична енергија, осветлување и пруги. Можете да се движите повеќе и да стоите“, вели Дафне Ричмонд-Барак, експертка за подземно војување, која предава на Универзитетот Рајхман во Израел.
Таа вели дека Хамас во изминатите години ја усовршил уметноста на изгадба на тунели и подземно војување. Се верува дека тие се наоѓаат 30 метри под површината и имаат влезови во долните катови од куќи, џамии и други јавни објекти.