НА 72 ГОДИНИ, ОЏАЧАРOT ЦРНГАРОВ ИМ ПРКОСИ И НА ГОДИНИТЕ И НА ВИСОЧИНИТЕ

    НА 72 ГОДИНИ, ОЏАЧАРOT ЦРНГАРОВ ИМ ПРКОСИ И НА ГОДИНИТЕ И НА ВИСОЧИНИТЕ72-годишниот Црнгаров ги чисти оџаците без асистенти или помошници, бидејќи ретко кој од младите сака да се занимава со оваа работа. (Фото: СДК.МК)

    Со стартот на грејната сезона, 72-годишниот оџачар Јосе Црнгаров од Струмица речиси и да нема слободен ден. Со својот велосипед и потребната опрема за чистење оџаци постојано е ангажиран од сопственици на куќи, како и од станари од станбени згради.

    Тој е еден од ретките во Струмичко кој се занимава со овој занает кој го научил како парноложач во некогашна Треска. Сам ги чисти оџаците без асистенти или помошници, бидејќи ретко кој од младите сака да се занимава со оваа работа. Дневно работи на две до три куки или згради и чисти најмалку по 6 до 8 оџаци. Се качува на објекти високи и до 30 метри и вели дека кога е на високо е далеку повнимателен и некако побезбеден.

    „Опасно е, како не е опасно. Но, мене височините не ме плашат. Се качувам на покриви од куќи и згради високи и до 30 метри. Мора да се биде претпазлив, не само за сопствената безбедност, туку и да не испокршиш керамиди или поткровна конструкција на објектот, бидејќи има покриви стари и над половина век. Ме води љубовта кон оџачарството, бидејќи ова е хумана работа. Свесен си дека со чистење на оџаците даваш придонес да не дојде до пожар во самиот објект. Затоа секогаш апелирам домаќинствата редовно да ги чистат“, вели Црнгаров.

    Со себе носи метални четки, сајли и друга опрема. Ако домаќинството нема, носи и скала за да може да се качи од внатрешниот дел на покривот од објектот. За чистење на еден оџак потребни му се околу 20-тина минути. Доколку оџакот е запушен со одреден отпад, најчесто од птичји гнезда, постапката е подолга. Црнгаров вели дека оџачари во Струмица има сè помалку и тоа во поодминати години. Никој од помладите не сака да се занимава со овој занает на кого гледаат со потценување.

    „Ги молам првенствено тие што не се плашат од височини оти овој занает најдобро се учи со некој поискусен. Може да се заработи солидна дневница. Но, младите струмичани преферираат да седат по кафулиња и по паркови, отколку да учат занает, посебно овој. Прво што прашуваат е ‘колку ќе ме платиш’, отколку да се заинтересираат како оди постапката. Треба да има таков кадар оти свесни сме преку зимата што се случува. Пожарникарите честопати интервенираат на запалени оџаци“, објаснува 72-годишниот Црнгаров.

    Со себе носи метални четки, сајли и друга опрема. Ако домаќинството нема, носи и скала за да може да се качи од внатрешниот дел на покривот од објектот. (Фото: СДК.МК)

    Според него, оџаците на објектите треба да се чистат двапати годишно. Пред отпочнување и веднаш по завршување на грејната сезона. На тој начин се отстрануваат сите саѓи што се лепат по излезните канали, а се лесно запаливи при високи температури. Црнгаров упатува и апел до сите домаќинства да не користат штотуку набрани огревни дрвја, туку огревно дрво кое е добро исушено и стоело најмалку една година.

    „Домаќинствата сега ги набавуваат и веднаш ги користат. Влажните дрва прават поголема опасност отколку сувите. Затоа апелирам сите што се греат на огревни дрва, да користат даб или бука, но да бидат набрани пред година дена. На тој начин нема да дојде до ‘запушување’ на оџаците. Паралелно забранувам домаќинства да користат и отпад од дрвна маса“, апелира Црнгаров кој за чистење оџак од куќа наплаќа по 500 денари, додека за оџак од станбена зграда по 200 денари од домаќинствата чии грејни тела се приклучени на тој канал.

    Неисчистените оџаци се најчеста причина за појава на пожари во станбени објекти преку зимскиот период, велат од струмичката противпожарна единица. И оттаму апелираат да се искористи доброто време и сите кои се греат на овој енергенс да направат проверка и да ги исчистат сите канали на грејни тела.

    В. ТРАЈКОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира