Битола продолжува да се полни со улични кучиња кои се појавуваат и на одредени локации каде претходно ги немало. Директорот на Јавното претпријатие Горан Степановски вели дека се сведоци на чудни случаи на наплив на бездомни животни на места каде немало ниедно. Тој не може да потврди дека кучињата се носат од околните села во градот, но вели слушнале дека се оставаат на одредени локации. Таков бил примерот за време на Интернационалниот фестивал „Браќа Манаки“ кога глутница на кучиња биле оставани и хранети во близина на Офицерскиот дом и Центарот за култура каде се одржувале фестивалски настани.
Во Битола се проценува дека има околу 200 улични кучиња.
Степановски, кој денес одржа прес-конференција кај прифатилиштето за животни, рече дека во завршна фаза е целокупната потребна документација која ќе биде испратена до Агенцијата за храна и ветеринарство од каде се очекува да им биде издадена дозвола за работа на прифатилиштето во релативно краток рок.
Но, и отворањето на прифатилиштето не значи дека сите животни ќе бидат отстранети од улиците. Тоа ќе има капацитет да згрижи 50 кучиња, кои ќе се регистрираат, фотографираат и ќе подлежат на тест за ресоцијализација , односно вакцинација и кастрација, а потоа ќе бидат вратени на терен.
„Битола е на чекор до добивање дозвола за работа на прифатилиштето. Со предвиден соодветен план за работа, во наредните три години, треба да се намали популацијата на кучиња скитници во градот, но граѓаните треба да знаат дека согласно законските прописи, не може да очекуваат трајно решение, со кое што веднаш со отворањето на прифатилиштето, сите животни ќе бидат отстранети од улица и дека таму ќе се одгледуваат“, вели Степановски.
Затоа, како јавно претпријатие, апелираат дека одговорноста за животните мора да биде заедничка. На комуналните служби за бездомните животни, но на граѓаните за нивните домашни миленичиња
Ж. ЗДРАВКОВСКА